
Но, има други интересни моменти.
1. Луѓе што кога ќе настрада жена од партнер „не оправдуваат насилство, но ја користат оваа прилика“ да кажат дека „не е секогаш мажот крив“, покрај редовното: они се закачаат, им мрдаат опашките, курви се, провоцираат, глупи се, намерно прават, го местат, сакаат да му ги земат парите, „а ја шо имам другар жена му што го тепа“, „а братучед ми што се разведе што му беше таа пијандура“, „а комшиката што ѝ шета гзот, остаре комшијата пред време“ итн, итн...
и
2. Луѓе што тврдат дека „мајките се криви“.
За првите, ајде вака:
- Го претепала, го полила со бензин и го запалила.
- Со години трпел физичко насилство, се шетал со модрици и на крај се фрлил од тераса.
- Шелтер за мажи-жртви на семејно насилство.
- Се обидел на сите можни начини да пријави дека го малтретира, го тепа и му се заканува. На крај, му влегла дома, го убила него, па мајка му, па се самоубила.
- Ја напуштил поради долгогодишно физичко и психичко насилство, но таа продолжила да го следи и да му се заканува.
- Го претепала пред очите на нивните малолетни деца.
- Бидејќи сопругата била полициска службеничка, тој стравувал дека никој нема да му поверува.
- Мажите што преживеале семејно насилство честопати немаат каде да побегнат со своите деца.
- Пробал да се врати дома, ама мајка му му рекла дека „си има жена и да си се врати кај неа“.
- Уште еден маж го загуби животот во случај на семејно насилство.
- А бе, па ти, жена е, ќе удри.
- Денес се одржа протест поради серијата убиства на мажи од страна на нивните партнерки.
- Мажите бараат поголема институционална заштита од насилните сопруги.
- А ти како беше облечен?
Звучи чудно, неприродно? Да се објаснуваме зашто, или да си поќутиме?
И ајде полека од првииве, да се упатиме кон вторите. Знам дека често имаат добра намера.
Да, мајките се криви. Многу често се родителите криви.
Родителите.
И татковците се криви. Татковците што се исто така синови, и на своите синови не им обрнуваат внимание и не ги учат дека насилството не е опција. Татковците што не пеглаат, не перат, не чистат, не разговараат со сопругите, не покажуваат нежност и не ги учат синовите како се пегла, уклучува машина, завршува работа во банка, како се готви, зошто се брише прашина, кај стои усисивачот, како ако не миеш садови се прави планина од неизмиени садови.
Не ги учат дека никој не е должен да оди по тебе и да те хендла, тинтра, служи, да внимава затоа што тебе ти фали ова, или она.
Дека кога ќе добиеш дете, се чува, успива, станува во 2 по полноќ, се менуваат пелени, се нервира, се радува, се плаче, се посветува внимание, се менува животот од корен.
Татковците ни ќерките не ги учат на вакви работи - ама не ќерките да им служат, туку со сопствен пример. Ако ги учат со сопствен пример, тогаш и ќерките ќе знаат дека утре тој што бара да му служиш, пеглаш, переш, собираш чорапи, готвиш и чуваш деца, без да мрдне со прст, или само да треба да оди на работа (и ќерките работат) - не е доволно добар за тебе. Дека ако не учествува во врската и домот еднакво, не е добар партнер и точка. Нема шанси една ќерка, или еден син, ако гледаат дека возрасните мажи и жени во нивниот живот се еднакви меѓу себе (а нееднаквите се посочени со „не треба така“) да помислат дека им следува нешто повеќе или помалку од партнерите.
И ако не може да си го контролира бесот и нема простор за разговор, или ете, расправија на повишен тон (сите се караме), туку веднаш оди на насилство, психичко и физичко, нема простор за дискусија - чао.
Пред да губиме време на погрешно сфатени поенти - за насилство се способни двата пола. За насилство треба да одговараат виновници од двата пола. Институциите нема што да дискриминираат - страдаат и жени и мажи. Жени почесто од мажи, ама да - од насилство страдаат сите.
Да, мајките се често криви.
И татковците се често криви.
Ама и кога имаме најдобри намери, пак сме насочени во барање вина кај женската страна.
И упорно се вртиме во круг.
-Ј.
п.с. Мора да одредиме и некоја возраст каде што престануваат родителите да бидат криви и доаѓа време ти да преземеш одговорност што не си се опаметил.