
Родена е околу 1670 година, а пораснала во средина блиска до францускиот двор - нејзиниот татко работел за грофот д’Армањак, кој бил одговорен за кралските коњушници. Според биографските сведоштва, уште во детството научила да јава и да ракува со меч, вештини кои во тоа време главно биле резервирани за момчињата од повисоките општествени слоеви. Нејзиниот приватен живот бил подеднакво неконвенционален - се омажила млада, но бракот не ја спречил да има други љубовни врски, па во еден период патувала низ Франција со љубовник кој бил мечувалец, настапувајќи пред публика и демонстрирајќи ги своите вештини. Понекогаш носела машка облека, што дополнително привлекувало внимание.
Најпознатата приказна поврзана со неа се однесува на млада жена во која се вљубила и која семејството наводно ја испратило во манастир за да ја прекине нивната врска. Според легендата, Жили влегла во манастирот како искушеничка, поставила тело на почината калуѓерка во креветот на својата љубовница и предизвикала пожар за да го прикрие нивното бегство. Иако оваа епизода често се прераскажува како историски факт, за неа нема доволно сигурни современи докази.
Она што е многу подобро документирано е нејзината музичка кариера. Имала впечатлив контраалт и во 1690 година станала членка на престижната Париска опера, каде што настапувала во дела на композитори како Жан-Батист Лили и Андре Кампра. Нејзиниот сценски талент ѝ обезбедил углед во една од најважните музички институции во тогашна Европа, но нејзината репутација надвор од сцената продолжила да предизвикува скандали. Според една од најпознатите анегдоти, на дворски бал бакнала млада жена, по што тројца мажи ја предизвикале на двобој. Легендата вели дека ги победила сите тројца, а потоа мирно се вратила на забавата, но оваа приказна треба да се чита со извесна резерва, бидејќи нејзините биографии со текот на времето станале мешавина од факти и романтизирани авантури.
(Ние бираме да веруваме, ништо не ни можете.)
Жили д’Обињи починала во 1707 година, на возраст од околу 37 години, откако се повлекла од сцената. Зад себе остава необично наследство: успешна оперска кариера и репутација на жена која одбивала да живее според очекувањата на своето време.