Бангладеш им штрајкува на Зара, Х&М и Примарк

Добро, не баш - на владата ѝ штрајкуваат и на работодавачите, но секако влијае на џиновите. Десетици фабрики во главните индустриски зони на Бангладеш беа затворени во текот на викендот, откако работниците во текстилната индустрија влегоа во штрајк, барајќи зголемување на минималната плата поради растечките трошоци за живот.

Низ целата земја се затворени речиси 150 производствени погони, најмногу во клучните текстилни центри Савар, Ашулија и Газипур. Немирите ескалираа во неделата наутро, кога работниците се собраа на автопат во Газипур и го блокираа сообраќајот околу еден час, пред да интервенира полицијата.

Дел од фабриките се затворени откако работниците ги напуштиле работните места - 13 погони биле затворени во саботата навечер, а уште 16 за време на утринските протести во неделата. Работниците бараат минималната месечна плата да се зголеми на 30.000 таки (218 евра), истакнувајќи дека сегашната минимална плата од 12.500 таки (околу 91 евро!) не е доволна за основните животни потреби.

Од друга страна, одредбата од Законот за работни односи на Бангладеш, позната како „Нема работа, нема плата“, им овозможува на сопствениците да го запрат производството и да не им исплатат плати на вработените во случаи кога работниот процес е нарушен. Здружението на производители и извозници на облека на Бангладеш (BGMEA) и Здружението на производители и извозници на плетена облека (BKMEA) побараа итна заштита на своите производствени погони. На работодавците не им се влегува во дискусија без гаранции.

„Фабриките за облека кои поради постојаните немири не можеа да го продолжат производството ќе останат затворени на неопределено време, почнувајќи од утре, во согласност со Законот за работни односи на Бангладеш“, порачуваат нивни претставници.

Критичарите и претставниците на синдикатите предупредуваат дека работниците се жртвуваат за фабриките да можат да одржуваат ниски и конкурентни цени на западниот пазар. Џоли Талукдер, потпретседателка на Синдикалниот центар на работниците во текстилната индустрија, изјави за Би-би-си дека работниците со години го носат товарот на кризата, додека сопствениците на фабриките и глобалните модни брендови профитираат од нивната експлоатација.

„Тие бараат плата со која ќе можат да преживеат. Како може некој со чиста совест да се спротивстави на едно толку основно човечко барање?“, праша Талукдер.

Текстилната индустрија претставува столб на економијата на Бангладеш, со речиси 40 милијарди долари годишни приходи од извоз, што сочинува околу 10 проценти од вкупниот бруто-домашен производ на земјата. Во овој сектор работат околу четири милиони луѓе, кои произведуваат облека за водечки светски брендови како H&M, Примарк и Зара.

Бангладеш е вториот најголем светски извозник на готова облека, веднаш зад Кина. Владата на Бангладеш на 1 ноември формираше посебна комисија за минималната плата, со која претседава виш окружен судија. На првиот состанок комисијата најави дека до крајот на ноември ќе ги финализира препораките за новата структура на платите, а се очекува ревидираните плати да стапат во сила на 1 декември.

18 ноември 2026 - 12:20