Конзервативци во големи бројки се селат од Калифорнија, држава во која тие се политичко малцинство и заминуваат во, за нив попријателски средини, главно во Тексас.
Половина од регистрираните гласачи на Калифорнија размислуваат да ја напуштат таа држава но за конзервативци тоа е три пати почеста опција - 40% од нив сериозно размислуваат да се селат, наспроти само 14% демократи кои се со таа идеја.
Меѓу причините, се разбира, се и високите трошоци на живот и даноците но интересно е што разочараноста од доминантната, либерална политичка култура се наведува почесто од, да речеме, растот на цените на недвижностите, покажува истражување на Беркли.
Имаат дури и сајт (Conservative Move) кој на конзервативците им помага да најдат купувачи за куќата, да се преселат и да најдат нов дом во некоја, за нив попријателски расположена држава како Тексас или Ајдахо.
„Сакаме да бидеме меѓу луѓе кои имаат вредности како нашите а тоа е: Америка на прво место, закон и поредок,“ вели за ЛА Тајмс еден повозрасен пар кои заминале во Тексас
Меѓу 2007 и 2016 гопдина Калифорнија има изгубено еден милион луѓе во домашна миграција, што е околу 2,5% од нејзината популација. Најпопуларна дестинација е Тексас кадешто заминуваат по околу 50.000 луѓе годишно.
Истовремено, таа станува интересна за побогатите. Во последната деценија Калифорнија има привлечено околу 100.000 луѓе со годишни приходи над 120.000 долари.