
Во психологијата има еден концепт познат како enclothed cognition, кој го истражува влијанието на облеката врз нашите ментални процеси. Истражувањата во оваа област покажуваат дека значењето што им го припишуваме на одредени парчиња, и искуството кога баш нив ги носиме, може да влијае врз вниманието и однесувањето.
Еден добро скроен костум, на пример, може да ни помогне да се чувствуваме поподготвено за професионален состанок, особено ако го поврзуваме со компетентност и авторитет. Омилениот фустан може да ни предизвика чувство на привлечност, а кога ни е удобно во облеката автоматски сме поопуштени.
Овие реакции се индивидуални. Истата облека што на една жена ѝ дава чувство на моќ, на друга може да ѝ создаде непријатност или впечаток дека игра туѓа улога. Има жени што никогаш нема да ги видите во сукњи, жени што не сакаат да носат кратко, мажи што во живот не облекле тренерки и луѓе што не носат шешири.
Постои и опасност самодовербата премногу тесно да се поврзе со изгледот, затоа што, ако веруваме дека можеме да бидеме сигурни во себе само кога сме беспрекорно облечени, облеката постепено може да стане уште еден извор на притисок. Во реалноста, самодовербата се гради преку многу посложени процеси: искуство, способности, односи, лични достигнувања и начинот на кој се доживуваме себеси.
Модата може да биде корисен инструмент во тој процес, но не и негова замена.