Џони Кеш сними албум во живо во затворот Фолсом во 1968, но Чао во 2009 направи нешто што никој дотогаш го немаше сторено - го сними албумот Viva La Colifata! во Хозе Борда, психијатриска болница во Буенос Аирес, дом на радио кое нагалено го викаат „лудачко". Тогаш албумот можеше бесплатно да се симне од сајт направен од Чао и станицата, но со молба за донација за да се помогне пионерскиот пристап на болницата во третирањето на менталните болести, што се состои, меѓу другото, во отворање радио кое ќе го водат самите пациенти.
Проектот, започнат во 1991, се покажа неверојатно успешен, а мешавината на муабет, вицови, музика и поезија стана хит и привлече 12 милиони слушатели во аргентинскиот главен град. Ману се вклучил во него откако прочитал текст во француски весник - дошол, се запознал со пациентите и докторите, одржувал музички работилници и така полека созреала идејата да го направи албумот.
„Тој не е психолог или психијатар, но знае како да го слуша ритамот на секој човек", изјавил тогаш Алфредо Оливера, директорот и основач на станицата. Чао пак од своја страна научил многу од оваа соработка, меѓу другото да ги искажува работите со помалку зборови, односно да биде појасен.
Радиото се уште постои, а податоците покажуваат дека пациентите кои биле вклучени во неговата работа во многу помал број се враќаат во институцијата откако еднаш биле отпуштени. Ваквиот успех доведе и до нов закон за ментално здравје во Аргентина, кој забранува отварање нови психијатриски болници и предвидува постепена замена со алтернативни форми на третман, при што институционализирањето би бил крајниот чекор.
Ова од една страна звучи добро, но од друга значи дека и болницата Борда може да биде затворена. Дури и да дојде до тоа, организаторите на радиото се одлучни дека ако треба ќе направат и надворешно студио, во кое ќе продолжат да работат досегашните пациенти, и ќе има успешни соработки, како оваа со Ману.
Детална репортажа за болницата и радиото тука