Фидел Кастро: Ок, толку од мене

Ако мачката има 9 животи, тогаш Фидел штотуку ја потроши својата 70-та мачка. Се вели дека кубанскиот револуционер преживеал 634 атентати. Ги надживеа сите свои смртни непријатели освен еден - капитализмот.

Фидел Кастро почина на 90-годишна возраст, 31 година откако ја изгаси својата последна пура, во 1985-та.

Роден е во 1926 година во богато семејство со 11.000 хектари земја. Пратен е во приватно езуитско школо за да продолжи факултет во Хавана, каде што рано се форматира како бунтовник и револуционер кому му станува јасно дека мора да се сруши режимот на корумпираниот американски џојстик, диктаторот Фулгенсио Батиста.

Учествува во еден килав обид за пуч на режимот на Трухиљо во соседна Доминикана, а во 1953 предводи група слабо подготвени ентузијасти во напад на армиски бараки во вториот по големина град во својата земја, Сантијаго де Куба. Нападот минува катастрофално, многумина се убиени и ликвидирани, а Фидел оди на суд. Добива 15 години затвор и статус на револуционерен лидер.

„Осудете ме, не е важно, мене историјата ќе ме аболицира“, порачува Кастро.

Нема да чека толку бидејќи по само две години робија, во неочекуван напад на великодушност, Батиста прогласува општа политичка амнестија. Оди во Мексико, каде што неговиот помал брат веќе го има регрутирано младиот аргентински доктор Ернесто Гевара.

Герилците на Кастро почнуваат да освојуваат територии во Куба, да спроведуваат аграрни реформи и да формираат паралелни институции, да врбуваат селани и до средината на 1958 имаат создадено сериозен фронт против диктатурата, формиран од различни класи. На 31 декември воениот режим и политичката машинерија на Батиста паѓаат. Првпат во Латинска Америка, една селска буна успева да сруши режим поддржан од САД.

Фидел Кастро политички надживеа 11 американски претседатели. Тој и неговиот социјализам успеаја да ги совладаат и отворените агресии какoв што беше десантот во Заливот на свињите и бруталното долгогодишно ембарго на Американците и распадот на стратешкиот сојузник СССР и стотиците атентати од ЦИА - отров во пурите, школки што треба да експлодираат, одела натопени со хемикалии за да му падне брадата... САД имаат потрошено над една милијарда долари на овој повеќедецениски неуспешен проект.

Се повлече во 2006-та оставајќи му го кормилото на државата на својот брат Раул, кој во Куба имаше историска средба со Барак Обама. Повторно се воспоставија дипломатски односи, се олеснија рестрикциите, но неизвесна е конечната судбина на ембаргото, особено што новоизбраниот Трамп веќе назначи влијателен проембарго-лобист во својот преоден тим.

Фидел не се појави за време на посетата на Обама, јавно го поддржа курсот на својот брат, но повика на голема претпазливост со Американците.

Од нормализацијата на односите досега ќар видоа само Кардашијани и слични сподоби, кои сега слободно хараат по Куба и си ги сликаат газовите на тамошните плажи за да ги закачуваат на Инстаграм.

Куба во ерата на Кастро живееше главно сиромашно. Но за тоа придонесоа и САД бидејќи општите ембарга секогаш ги погодуваат најранливите категории, а не режимот и клиентите на системот. Политички слободи во западна смисла нема. Половина од населението живее со еден долар дневно. Лош е јавниот транспорт. Противниците на системот се затвораат.

Од друга страна:

  • Комплетно е искоренета неписменоста. Наставник има на секои 10 деца.
  • Ефикасен здравствен систем поради чиј успех доаѓаат пациенти и од САД и од цел свет, на лекување сешто, од зависност од дроги до меланоми.
  • Детската смртност е помала отколку во Америка.
  • Куба има двојно повеќе лекари на 1.000 пациенти од САД.

„Една од најголемите придобивки на револуцијата е што дури и проститутките завршуваат факултет“ - Кастро на режисерот Оливер Стоун во документарецот „Команданте“ од 2003

„Еве заклучок до кој дојдов пред многу години: помеѓу сите грешки што можеби ги направивме, најголемата е што мислевме дека некој всушност знае како да гради социјализам...Кога и да речеа: Тоа е формулата, мислевме дека знаат. Како да е некој лекар“ - Кастро во 2005

„Овие промени (отворањето кон меѓународниот туризам, странските инвестиции, малите бизниси) имаат социјална цена, затоа што до сега живеевме под стаклено ѕвоно, во стерилна атмосфера, а сега сме опкружени со вируси, бактерии, до точка на одвлекување на вниманието и егоизам создаден од капиталистичкиот систем на производство“ - Кастро во 1998

„Мораме да се соочиме со фактите, и просто кажано, социјалистичкиот табор пропадна“ - Кастро во 1991

„Ја почнав револуцијата со осумдесет и двајца. Ако морам пак да го сторам тоа, би го направил со 10 или 15 и со апсолутна верба. Не е важно колку си мал ако имаш верба и план за дејствување“ - за револуцијата во 1959

Тривиа:

* Пуштил брада главно за да заштеди време: „Ако се бричиш 15 минути на ден, годишно трошиш 5.000 минути на таа работа“

* Омилен писател му беше Ернест Хемингвеј

* Езуитско образование имал и Сталин, но и Бил Клинтон, Бил Мареј, Дензел Вошингтон, Џејмс Џојс, Салма Хајек, Мила Кунис, а Доналд Трамп издржал само две години

* Го држи гинисовиот рекорд за говор во Обединетите нации: 4 часа и 29 минути (септември 1960)

* Најдолгиот говор му траел 7 часа и 10 минути (на Конгресот на комунистите во Хавана, 1986)

* Држи и други рекорди, но не и оној за најдолговечен шеф на држава: го јадат британската кралица и тајландскиот крал.

* Во Гинис влезе неговата омилена крава „Белото виме“, симболот на неговите сточарски и научни реформи. Давала по 110 литри млеко дневно!

* Во 2.000 година Кастро му подигна споменик на Џон Ленон. Ги сакаше Битлси, а Ленон го сметаше за музички револуционер

Сите БДП-а, индекси на слободи и социоекономски параметри не се доволни за да се долови духот на Куба. Тоа е земја на Фидел, но и на Буена Виста, на социјализам, но и на мамбо.

Една цртичка од таму, раскажана од наш човек:

Влегува локален просјак во бавча на ресторан полн со туристи. Ги поминува масите, собира пари но не оди на следната дестинација за просење туку седнува на првата слободна маса, си го нарачува најубавиот коктел во ресторанот и ужива со полно срце.

Артуро Сандовал (Куба):  'There Will Never Be Another You'

Како изгледаше Македонија во годината кога се роди Кастро

 

26 ноември 2016 - 13:44