Корупцијата ја дотепува Украина

Огромен енергетски скандал ја тресе Украина на прагот на зимата, кога Русите засилено ја гаѓаат инфраструктурата. Се работи за огромни суми што дополнително го урнисува моралот во воениот и во цивилниот сектор на земјата. И сојузниците губат трпение па пробуваат да го освестат Зеленски порачувајќи му: Заради вакви работи ќе ја изгубите војната. 

Уште од осамостојувањето на Украина, корупцијата беше најголемиот проблем на таа држава. Неспособноста на победниците на „Портокаловата револуција“ од 2004 година да се справат со проблемот ја отуѓи јавноста и го врати на власт, на ненаместени избори во февруари 2010 година, Виктор Јанукович, прорускиот политичар кој беше соборен шест години претходно. Петро Порошенко, олигархот кој дојде на власт после Мајдан, не ги оправда очекувањата.

Како и во други војни, и руската агресија не ја укина корупцијата во Украинаа, но најновиот скандал се одвива во енергетскиот сектор и тоа на прагот на зимата кога сè почесто ја таргетираат оваа чувствителна инфраструктура. Станува збор за крадење на стотици милиони долари во што се вклучени блиски соработници на Зеленски, од кои еден (Тимур Миндич, човекот со златното веце) избега од земјата.

Во петокот, агенцијата Фич ја дефинираше кредитната способност на Украина во „ограничен статус на неисполнување на обврските“. Накратко, на работ на банкрот.

Руските планери внимателно ги следат европските реакции на корупцискиот скандал, а германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул порача дека помошта ќе зависи од преземените антикорупциски мерки. Полскиот премиер Доналд Туск беше уште поотворен, велејќи му на Киев дека ќе ја изгуби војната ако толерира вакви случаи.

Сликата на теренот ја комплетира претстојното паѓање на Покровск и Мирноград, што ќе има силно влијание врз воениот и цивилниот морал. „Фајненшл тајмс“ неодамна објави дека само во октомври имало речиси 20.000 случаи на отсуство без дозвола и дезертерство.

Ова дополнително ја влошува најголемата тешкотија на Украина на теренот, бројот на војници: еден километар линија на фронтот, во моментов просечно се брани со четири до седум војници.

Тоа е една од причините што руските сили за неполн месец зазедоа 427 квадратни километри територија.

Разбирлив е заморот од војната, особено што не се гледаат знаци дека во догледно време може да ѝ се стави крај. Во последните месеци, анкетите покажуваат дека расте процентот на населението кое е подготвено да ѝ предаде окупирана територија на Русија во замена за прекин на огнот.

***********

Види и:

Од „слуга на народот“ до воен профитер

Темната страна на владеењето на Зеленски

16 ноември 2025 - 10:07