Во центарот на корупцискиот скандал во енергетскиот сектор е Тимур Миндич, близок пријател и соработник на претседателот Зеленски. Миндич како продуцент и Зеленски како комичар заедно ја основале медиумската продукциска компанија „Квартал 95“ и останале блиски откако комичарот стана претседател.
Миндич ги користел своите пријателски односи со претседателот за да има контрола врз акумулацијата, дистрибуцијата и легализацијата на парите стекнати преку криминални средства во енергетскиот сектор на Украина, изјави обвинител од Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО).
Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) објави дека пет лица се уапсени поради скандалот, а уште седуммина се обвинети. Министерот за правда Герман Галушченко, кој порано четири години беше министер за енергетика, е обвинет дека добивал лични услуги од Миндич за да му ја предаде контролата врз паричните текови во енергетскиот сектор.
Шефот на истражниот тим на НАБУ, Олександр Абакумов, изјави дека во операцијата „Мида“ биле спроведени 70 претреси и биле пронајдени докази за перење пари. Тарифата за доделувањето зделки била до 15%. Првообвинетиот Миндич ја напуштил земјата непосредно пред да бидат спроведени рациите.

НАБУ и САПО, централните независни тела за борба против корупцијата во Украина, во јули беа ставени под строга владина контрола. По масовните демонстрации во Киев и по притисокот од украинските партнери, Зеленски ја поништи одлуката и им ја врати независноста. Агенциите во тоа време веќе воделе истрага за корупцијата во енергетскиот сектор и ја продолжиле, наспроти очигледниот притисок од државниот врв.
Украински медиуми тврдат дека токму Миндич во јули инсистирал владата да ги преземе под своја контрола антикорупциските тела. Откако неговиот пријател Зеленски дојде на власт, 46-годишниот филмски продуцент ги прошири интересите во повеќе бизниси и ги задржа блиските врски со претседателот. Му ја подарил блиндираната лимузина што Зеленски ја користел на почетокот на својот мандат, редовно го посетувал во резиденцијата. Зеленски во 2021 година го прославил својот роденден во домот на Миндич.
Пратеникот Алексеј Гончаренко го обвини и Зеленски за злоупотреба на власта.
Може ли Зеленски среде војна да краде од енергетскиот сектор? Зеленски секогаш ја користеше власта за лично богатење. Кога на своите најдобри пријатели ќе им ја предадеш ракетната програма, па потоа четири години нема ракети, или кога истите тие пријатели крадат пари наменети за заштита на енергетскиот систем, па потоа цела земја е без струја, тоа покажува како Зеленски ја сфаќа власта, објави Гончаренко на својот профил на Телеграм.