Говорот на Дејвид Фостер Валас

Oва е вода!

Антологиски говор кој вреди да се прочита затоа што е моќен, како горчлива, но нужно потребна вистина. 

Дејвид Фостер Валас зборува за потребата не од тоа „да се научи како да се размислува", туку за нужноста да се направи избор ЗА ШТО ќе се мисли. Метафората со чекањето на каса во преполн супермаркет како начин за вежбање на сопствениот светоглед и ментална издржливост на многумина ни е позната, но станува дополнително трогателна ако се знае дека Валас, истиот оној кој во овој говор ги предупредува младите на опасноста низ животот да се мине мртов, или самиот да се крене рака врз себеси затоа што тој е обесмислен, во 2008, три години по говоров, се самоуби со бесење. 

Едно е јасно од неговиот говор - тој знаел што е вода, и додека пливал во неа тоа го правел најдобро што можел.

ОВА Е ВОДА

Ако некому му доаѓа да се поти, слободно, бидејќи јас сигурно ќе го направам тоа. Добредојдовте, и честитки за дипломците од генерација 2005 на колеџот Кенион.

Две млади риби пливаат eдна до друга, среќаваат постара риба што плива во спротивен правец, таа климнувајќи ги отпоздравува, и вели: „Добро утро момци, каква е водата?".

Двете млади риби отпливуваат понатаму, и едната погледнувајќи ја другата вели: „Што е тоа вода, по ѓаволите?".

Ова е стандардно правило за американските поздравни дипломски говори, употреба на мали поучни приказни. Целата работа околу приказната е една од подобрите, помалку посрани конвенции на овој жанр, но доколку се секирате дека тука ќе се претставам себе си како постара мудра риба и ќе ви објаснувам што е тоа вода, на вас, помладите риби, ве молам немојте. Јас не сум старата мудра риба. Поентата на приказнава со рибите е дека најочигледните, важни стварности често се оние кои е најтешко да се видат и споделат. Се разбира, кажано низ реченица на англиски, ова звучи како изветвена фраза, но факт е дека во секојдневните ровови на возрасното постоење, баналните изветвени фрази можат да имаат важност на живот или смрт, или барем така јас ви го претставувам тоа во ова суво и прекрасно утро.

Се разбира, главното барање на ваквите говори е дека би требало да зборувам за значењето на вашето образование (на либералните колеџи), да ви објаснам зошто дипломата која ќе ја добиете има и хумана вредност, а не само материјална исплатливост. Ајде да зборуваме за најчестото клише во овој жанр говори, а тоа е дека поентата на образованието на либералните колеџи не е толку за да ве наполни со знаење колку што е, цитирам, „да ве научи како да мислите“. Ако сте како мене кога бев студент, нема да ви се допаѓа да го слушате ова, и ќе бидете малку навредени од изјавата дека воопшто ви е потребен некој да ве учи како да размислувате, особено со оглед на тоа дека штом сте веќе примени на толку добар колеџ тоа мора да значи дека знаете како да размислувате.

Но, јас овде ќе тврдам дека клишето на либералните уметности не е воопшто навредливо, затоа што обликувањето на начинот на размислување кое би требало да го добиеме на место како ова реално не се однесува на способноста да се мисли, туку на изборот за што да се мисли. Ако вашата целосна слобода на избор за што да се мисли ви изгледа премногу очигледна за да губите време во дискусија за неа, би сакал да ве замолам да размислувате за рибата и водата, односно да се воздржите од скептицизам за вредноста на целосно очигледното на неколку минути.

Еве уште една поучна приказна. Двајца момци седат еден до друг во бар во некоја дивина на Аљаска. Едниот е религиозен, а другиот е атеист, и двајцата се расправаат за постоењето на Бог, со оној посебен интензитет што настапува по четвртото пиво. И атеистот вели:

Не е дека немам особени причини да не верувам во Бог. Не е дека никогаш не сум експериментирал со Господ или со молитви. Еве на пример, минатиот месец бев заробен од страшна бура надвор од кампот, бев целосно изгубен и не можев да видам ништо и беше кочан, и така се обидов: клекнав во снегот и извикав „О Господи, ако те има, изгубен сум во ова невреме, и ќе умрам ако не ми помогнеш".

Во барот религиозниот тип цел во прашалници, го гледа атеистот. „ Па претпоставувам дека сега веруваш„ вели, „ Покрај сè, еве тука си, жив и здрав“.

Атеистот ги превртува очите и вели „Не бе, сè се сведе на двајца Ескими кои случајно поминуваа и ми го покажаа патот назад до кампот".

Лесно е на ваквата приказна да ѝ се направи стандардна либерална анализа: исто искуство може да значи две целосно различни работи за двајца различни луѓе, со оглед на различните обрасци на уверување на тие луѓе и двата различни начини на создавање на значење од искуството. Бидејќи ја цениме толеранцијата и различноста на уверувањата, никаде во нашата либерална анализа не би сакале да тврдиме дека толкувањето на едниот тип е вистинито, а на другиот е погрешно или лошо. Што е во ред, само што никогаш не зборуваме за тоа од каде доаѓаат овие индивидуални обрасци и уверувања. Односно, од која внатрешност на овие момци. Како нечија базична насоченост кон светот и значењето на неговото искуство се строго определени, како висина или број на чевли, или пак автоматски апсорбирани од културата, како јазикот. Како начинот на кој го создаваме значењето да не е прашање на личен, намерен избор. Плус, тука е и прашањето на ароганцијата.

Нерелигиозниот тип е ептен сигурен во неговото отфрлање на можноста дека Ескимите на поминување имаат некаква врска со неговата молитва за помош. За воља на вистината, постојат и многу религиозни луѓе, кои се исто така арогантни и сигурни во сопствените толкувања. Тие се веројатно уште поодбивни од атеистите, барем на повеќемина од нас. Но проблемот на религиозните догматици е истиот како и оној на неверникот од приказната: слепа увереност, затвореност на умот која е еднаква на заробеништво кое е толку тотално, што затвореникот не ни знае дека затворен.

Поентата тука е дека сето ова е еден дел од она што треба да претставува учењето како да мислиме. Да бидам малку помалку арогантен. Да имам малку помалку критичка свесност за себеси и моите уверувања. Бидејќи голем процент на нештата во кои сум сигурен по автоматизам се покажува дека е целосно погрешен и заблудувачки. Ова го научив на потешкиот начин, а предвидувам дека на ист начин ќе го научите и вие, дипломците.

Еве еден пример за целосната погрешност на нешто за кое сум автоматски сигурен: Сè во моето моментално искуство го поткрепува моето длабокото уверување дека сум апсолутен центар на универзумот, најстварната, најживата и најважна личност која постои. Ретко размислуваме за оваа природна, базична себе-центричност, поради тоа што е толку општествено неприфатлива, но тоа главно важи за сите нас, длабоко внатре. Тоа е наше „дифолтно" прилагодување, врежано во нашите матични плочи уште од раѓање. Размислете: Не постои искуство кое сте го имале, а да не сте биле негов апсолутен центар. Светот каков што го искусувате е веднаш тука пред ВАС, или зад ВАС, лево или десно од ВАС, на ВАШИОТ ТВ, или ВАШИОТ монитор итн. Мислите и чувствата на другите мора да бидат искомуницирани до вас на некој начин, но вашите се толку директни, ургентни, стварни.

Ве молам не грижете се дека се подготвувам да ви проповедам за сочувство или за перспективата на Другиот или пак за таканаречените „доблести". Ова не е прашање на доблест – ова е прашање на моја одлука да ги правам работите, менувајќи ги или ослободувајќи се од моите природно врежани „дифолтни" прилагодувања, кои се длабоко и буквално себенасочени, и моето гледање и толкување на сè преку леќите на себството. Луѓето кои што можат да ги сменат своите природни „дифолтни" прилагодувања на овој начин се често опишани како „добро прилагодени", што сметам дека не е случаен термин.

Со оглед на триумфалната академска атмосфера овде, очигледно е прашањето колку овој напор за променување на нашите „дифолтни" прилагодувања вклучува знаење или интелект. Ова прашање се усложнува. Веројатно најопасната работа во врска со академското образование, барем во мојот случај, е дека ми создава тенденција работите да ги преинтелектуализирам, да заталкам во апстрактни аргументи во мојата глава, наместо едноставно да внимавам на она што се случува веднаш пред мене, да внимавам на она што се случува во мене.

Сигурен сум дека досега знаете колку е екстремно тешко да се остане буден и внимателен, наместо да се биде хипнотизиран од постојаниот монолог во нашата глава. Дваесет години по моето дипломирање, постепено сфатив дека клишето на либералните уметности -„ве подучуваме како да мислите" - е всушност кратенка за многу подлабока, посериозна идеја: учењето како да се мисли всушност подразбира да се научи како да се има барем малку контрола врз тоа што и како размислуваме. Тоа значи да се биде доволно буден и свесен во изборот на што ќе внимаваме, и врз начинот на кој создаваме значење од сопственото искуството. Бидејќи, доколку не можеш да правиш ваков избор во повозрасни години, тогаш тотално си наебал.

Сети се на старото клише „умот е одличен слуга, но ужасен господар". Ова, како и повеќето клишеа, толку старомодно и невозбудливо на површината, всушност изразува голема и ужасна вистина. Ни малку не е случајно што возрасните кои се самоубиваат со оружје скоро секогаш си пукаат во глава. Го убиваат ужасниот господар! Вистината е дека повеќето од овие самоубијци всушност се мртви долго време пред да го повлечат чкрапалото. Сметам дека ова би требало да е вистинската вредност на вашето либерално образование: како да избегнете да минете низ вашиот удобен, просперитетен и угледен возрасен живот, мртви, несвесни, како робови на сопствената глава и сопственото природно „дифолтно" прилагодување да се биде единствено, целосно, империјално сам, ден за ден. Ова може да звучи како хипербола или пак апстрактна бесмисленост. Затоа ајде да бидеме конкретни. Факт е дека вие, тукушто дипломирани, немате поим што навистина значи „ден за ден". Постојат многу големи делови од возрасниот американски живот за кои никој не зборува во вакви говори. Еден таков дел вклучува досада, рутина и фрустрација. Родителите и постарите овде би знаеле многу добро за што зборувам.

На пример, да речеме дека е просечен ден, и се будиме наутро, одиме на работа која ни е предизвик, и работиме напорно 9-10 часа и на крајот од денот сме уморни и под стрес, и се што сакаме е да одиме дома и да вечераме добро и можеби да се опуштиме неколку саати и потоа да си легнеме затоа што мораме да станеме наредниот ден и повторно да го правиме истото.

Но тогаш, ни текнува дека дома немаме храна, дека сме немале време за купување оваа недела, поради нашата напорна работа – и така сега после работа мора да влеземе во кола и да возиме до супермаркетот. Крај е на работниот ден, сообраќајот знае да биде многу лош, така што пристигнувањето во продавницата трае подолго отколку што би требало, и кога конечно ќе пристигнеме, во супермаркетот има многу гужва, затоа што е време од денот кога сите други работни луѓе исто така се обидуваат да купат намирници, и продавницата е одвратно флуоресцентно осветлена, и исполнета со душегубничка музика или корпоративен поп, и е на многу начини последното место каде што би сакале да бидете, но не можете едноставно да влезете и да излезете: морате да талкате низ огромните, преосветлени, пренатрупани полици за да ги најдете работите што ги сакате, и мора да управувате со вашата раскантана количка низ сите тие други, уморни, забрзани луѓе со колички за на крај да ги купите сите потребштини. И се разбира тука се и глацијално спорите стари лица и крупните луѓе и децата со АДХД, кои сите заедно ја блокираат патеката, и мора да стегаш заби и да бидеш љубезен додека ги замолуваш да поминеш, и конечно, ги земаш сите продукти за вечера, само што сега излегува дека нема доволно каси кои работат иако е калабалак на крајот од денот, така што редот за чекање е неверојатно долг, што е глупо и побудалудувачки, но не можеш да го истуриш бесот на преработената касиерка чија работа е толку монотона и бесмислена што ја надминува имагинацијата на било кој од нас овде во овој престижен колеџ.

Како и да е, конечно доаѓаш на ред, плаќаш за својата храна, чекаш да авторизација на твојата кредитна картица од машина, и потоа ти е кажано „Пријатен ден" со призвук кој е апсолутниот звук на смртта. И потоа мораш да ги префрлиш сопствените, климави пластични кеси со намирници во количката чие тркало полудувачки влече на лево, и да ја истуркаш низ преполнетиот, бучен и валкан паркинг, и да се обидеш да ги ставиш торбите во кола, на начин кој нема да дозволи работите да испопаѓаат и да се испотркалаат во багажникот, и потоа мораш да возиш до дома низ бавен, тежок сообраќај, полн со џипови и така натаму, и така натаму. Секој овде го има правено ова, се разбира. Но тоа сеуште не станало дел животната дневна рутина на вас, дипломците, ден по недела, по месец, по година. Но ќе стане. Заедно со многу други здодевни, досадни, бесмислени рутини. Но тоа не е поентата.

Поентата е дека мало, фрустрирачко срање како ова се наоѓа точно онаму каде што настапува моментот кога треба да избереме. Затоа што закочениот сообраќај и гужвата помеѓу полиците и долгите редици пред касите ми даваат време да размислам, и доколку не направам свесна одлука како да размислувам и на што да обрнам внимание, ќе бидам изнервиран и мизерен секој пат кога ќе купувам храна. Ова е затоа што мој „дифолтен сетинг" е увереноста дека овие ситуации навистина имаат врска само со мене. Со МОЈАТА глад и МОЈОТ замор и МОЈАТА желба само да стигнам дома, и за целиот свет ќе изгледа, како сите останати да ми се испречуваат на патот. И кои се сите овие луѓе кои ми стојат на патот? И види како повеќето се одвратни и колку се глупи, како крави, со тап поглед и колку нечовечки изгледаат, овде во редицата пред касата, или пак колку досадно и безобразно е што луѓето зборуваат гласно на мобилните на сред редица. И погледни колку сето ова е навистина нефер. Работев напорно цел ден и прегладнет сум и уморен и не можам ни дома да стигнам за да јадам и да се олабавам поради сите овие ебано глупи луѓе.

Се разбира, доколку сум во општествено посвесен дифолтен сетинг, можам да го поминам своето време во овој сообраќаен калабалак, гневен и згрозен од сите огромни, глупави, џипови и Хамери и „пикап" комбиња кои расипнички, себично ги согоруваат своите 40 галонски резервоари, и можам да мислам за фактот дека патриотските и религиозни налепници секогаш се наоѓаат на најголемите, најодвратно себични возила, возени од најгрдите, најбезобѕирни и агресивни возачи, кои обично зборуваат на мобилни додека ги пресекуваат пешаците само за да добијат неколку метри предност во гужвата. И можам да размислувам како децата на нашите деца ќе не презираат за тоа што го потрошивме целото горива за иднината, и веројатно ја поебавме климата, и колку разгалени и глупави и одвратни сме сите ние, и колку модерното потрошувачко општество е срање итн., итн.

Видете, доколку изберам да размислувам вака во продавница или на пат, тогаш во ред. Многумина од нас прават така – само што ваквото размислување е многу лесно и автоматско, што воопшто не претставува избор. Ваквото размислување е мојот „дифолтен сетинг". Токму поради ова автоматско, несвесно размислување јас го искусувам светот како досаден, фрустрирачки дел од мојот возрасен живот, кога функционирам врз основа на автоматското, потсвесно уверување дека јас сум центар на светот и дека моите моментални потреби и чувства е она што би требало да ги предодреди светските приоритети.

Работата е во тоа што очигледно постојат различни начини на размислување за вакви ситуации. Во овој метеж, сите овие возила заглавени и во лер, не е невозможно некои од овие луѓе во џиповите да имале страшни сообраќајки во минатото, и сега возењето им е трауматично, така што нивниот терапевт им наредил да купат само огромен, тежок џип како би се чувствувале доволно безбедно за да возат: или пак Хамерот кој само што ми пресече пат, можеби го вози татко чие дете е повредено или болно на совозачкото седиште, и се брза да стигне до болница, и на некој начин е во пооправдано брзање од мене, и всушност ЈАС му го пресекувам патот. Или пак можам да изберам да се принудам себеси да ја земам во предвид веројатноста дека сите останати кои чекаат пред касата во супермаркет, се досадуваат исто колку и јас, и дека некои од овие луѓе веројатно имаат многу потешки, подосадни или поболни животи од мене.

Сепак, ве молам не мислите дека ви давам морален совет, или дека велам "би требало да" размислувате вака, или пак дека сите го очекуваат тоа од вас, затоа што е тешко и бара воља и ментален напор, и ако сте како мене, некои денови нема да можете да постапите така, или пак едноставно нема да имате сила. Но повеќето денови, ако сте доволно свесни да си дадете себеси избор, би можеле да изберете да гледате поинаку на некоја дебела жена со тап поглед која му се дере на своето мало дете покрај касата- можеби и не е вообичаено таква, можеби била будна три вечери по ред, бдеејќи покрај креветот на својот маж кој умира од рак на коските, или можеби тоа е ниско платена службеничка која вчера ѝ помогнала на вашата роднина со мал гест на бирократска љубезност. Се разбира, ништо од ова не е толку веројатно, но не е и невозможно – едноставно зависи од тоа што вие би сакале да земете предвид.

Ако сте автоматски сигурни дека знаете што е реалноста, и кој, и што е навистина важно, доколку сакате да функционирате по вашиот „дефолтен сетинг", тогаш вие како и јас не би можеле да претпоставите ситуации кои не се бесмислени или пак иритирачки. Но доколку навистина сте научиле како да размислувате, како да внимавате, тогаш ќе знаете дека имате и други опции. Тогаш ќе бидете моќни да искусите натрупана, гласна, бавна, конузмеристички пеколна ситуација не само како значајна туку и света, разгорена со истата сила која ги пали ѕвездите – љубовта, сочувството, мистичното единство што е длабоко во сите нешта.

Не е дека таквите мистични работи се нужно вистинити; единственото нешто што е вистинитото со големо В е вашата одлуката како ќе гледате на ваквите ситуации. Тогаш свесно ќе одлучите што има значење, а што не. Тогаш ќе одлучите што да обожувате. Еве уште нешто што исто така чудно, но вистинито. Во секојдневните ровови на возрасниот живот, не постои такво нешто како атеизам. Не постои такво нешто како необожување. Секој обожува. Единствено може да избираме што да обожуваме. И принудната причина што избираме тоа да биде Бог или некое духовно нешто- било тоа да е Исус или Алах или Јахве или Виканската Божица Мајка на Четирите Благородни Вистини или пак некој цврст збир на етички принципи – е што горе доле се останато што обожувате ќе ве изеде живи. Ако обожувате пари и предмети – ако тие се вистинската смисла на вашиот живот тогаш никогаш нема да имате доволно, никогаш нема да се чувствувате дека имате доволно. Тоа е вистината. Обожувајте го своето тело и убавина и сексуална привлечност и секогаш ќе се чувствувате грди. И кога времето и годините ќе почнат да се покажуваат, ќе умрете милион умирачки додека конечно не ве исплакаат. На едно ниво, сите ние веќе ги знаеме овие работи - запишани во митови, поговорки, клишеа, епиграми, параболи: скелетот на секоја голема приказна. Целиот трик е во тоа, да ја држиме вистината пред нас, во секојдневната свест.

Обожувајте моќ и ќе завршите чувствувајќи се слаби и исплашени, и ќе ви треба уште повеќе моќ врз другите за да го отапете стравот. Обожувајте го својот интелект, да бидете сметани за паметни, ќе завршите чувствувајќи се глупаво, како измамници, секогаш на работ да бидат откриени. И така натаму.

Видете, заканувачката работа околу овие форми на обожување не е дека тие се зли или грешни, туку дека се несвесни. Тие се наша „дифолтна" состојба. Тие се онакви состојби на обожување во кои полека се лизнуваме, ден по ден, стануваме сè поселективни околу она што го гледаме и како ја мериме вредноста, без да бидеме целосно свесни дека тоа е она што го правиме. И светот нема да ве обесхрабри да функционирате врз основа на вашата „дифолтна" состојба, затоа што светот на мажите и жените и моќта весело зуи наоколу во рој од страв и презир и фрустрација и копнеж и себе-обожување. Нашата денешна култура ги ожнеа овие сили на начини кои изнедрија невидено богатство и комфор и лична слобода. Слобода сите да бидеме господари на нашите сопствени малечки кралства големи колку череп, сами во центарот на целото создавање. Постојат многумина кои би го препорачале овој вид слобода. Но се разбира има различни видови на слобода, и видот кој е најскапоцен не е оној за кој најмногу се зборува во надворешниот свет на посакување, остварување и покажување. Вистински значајниот вид на слобода, подразбира внимание, свесност, и дисциплина, и способност навистина да се грижите за другите луѓе и да се жртвувате за нив, повторно и повторно, на безброј малечки несекси начини, секојдневно. Ова е вистинската слобода. Ова значи да се биде образован и да се разбере како да се размислува. Алтернативата е несвесноста, „дифолтниот сетинг" „расата на стаорци" – постојаното разјадливо чувство дека сме имале и сме изгубиле некоја бескрајно добра работа.

Знам дека овие работи веројатно не звучат забавно и свежо или пак исклучително инспиративно, онака како што овие говори би требало да звучат. Но она што тие се, онолку колку што можам да видам, е Вистината со големо В соголена од сите реторички фини украси. Се разбира дека сте слободни да размислувате за неа како што сакате. Но, ве молам не ги отфрлајте поради тоа што ви изгледаат како „солење памет„ или некакво проповедање. Ништо од ова не е во врска со моралот, или религијата, или догмата, или оние големи „фенси" прашања за животот и смртта. Вистината со големо В е онаа за животот ПРЕД смртта.

Тоа е вистинската вредност на вистинското образование. Се работи за едноставна свесност- свесност за она што е толку стварно и суштинско, а толку скриено од пред очи насекаде околу нас, што мораме постојано да се потсетуваме себеси: „Ова е вода, ова е вода".

Незамисливо тешко е да се постигне ова, да се остане свесен и жив во светот на возрасните, ден за ден. Што е уште едно големо клише кое се покажува вистинито. Вашето образование навистина е животна професија! И започнува сега!

Ви посакувам многу повеќе од среќа!

(Oд говорот на Дејвид Фостер Валас на дипломската церемонија на Кенион Колеџ, Охајо 21 мај 2005)

Превод: Марко Трошановски

Говорот (аудио):

 

16 јуни 2013 - 11:55