Нов ефикасен и евтин змиски противотров е добиен од - лами

Годишно, од убоди на најотровните африкански змии умираат или остануваат со трајни инвалиди илјадници луѓе. Овие бројки наложуваат изнаоѓање на поефикасен, поевтин и подостапен синтетички противотров. Еден таков, според нова студија, може да биде добиен од лами и алпаки. 

Во нов труд објавен во „Нејчр“, истражувачи опишуваат фасцинантен, речиси научно-фантастичен процес: лама и алпака биле имунизирани со отрови од 18 од најсмртоносните африкански змии, со цел да се создаде широкоспектарен антиотров. Од нивната крв се изолирале антитела, а осум од најделотворните биле комбинирани во нов антиотров. Во експерименти врз глувци, оваа комбинација спречила смрт од отрови на 17 видови африкански змии отровници (кобри, мамби), а таа се покажала поефикасна од најчесто користениот комерцијален препарат Иносерп ПАН-Африка.

Овој пристап делумно потсетува на традиционалното производство на антиотрови, но наместо да се фокусираат само на една група токсини, истражувачите во овој случај се обидуваат да излезат на крај со целиот хемиски хаос на вистинскиот змијски отров. Ова подразбира истовремено тромбоцитни, нервни и клеточно-разорувачки токсини – комплексна биолошка „чорба“ што се разликува меѓу видови, региони, па дури и меѓу млади и возрасни единки на една истата змија.

Убодите на овие змии во потсахарска Африка годишно предизвикуваат илјадници смртни случаи, ампутации и долготрајни инвалидитети – бројки што наложуваат поефикасен, поевтин и поотпорен антиотров. Традиционалните препарати зависат од стабилни „ладни синџири“, брз транспорт и точна идентификација на змијата – услови што ретко се исполнуваат во најпогодените региони. А поливалентните препарати, иако корисни, носат поголем ризик од несакани реакции поради големи количини туѓи протеини.

Новата студија предизвикува внимание токму поради тоа што ги користи уникатните антитела на камилидите – таканаречени нанотела, многу помали и постабилни од класичните антитела. Тие лесно се произведуваат, поотпорни се на високи температури и можат да навлезат подлабоко во ткивата. Иако еден вид – источната зелена мамба – останал предизвик, и таму преживувањето на глувците било двојно подолго. Во споредба со единствениот одобрено-широкоспектарен африкански антиотров, новиот препарат во сите тестирани случаи дејствувал подобро.

Ова не значи дека сме на чекор до универзален антиотров. Други региони, особено Индија со своите „Големи четири“ смртоносни видови, имаат сосема различен состав на токсини, што би барало други комбинации нанотела или дополнителни биохемиски решенија. Исто така, големо прашање е кој би го финансирал развојот на вакви препарати, кога производството не ветува големи профити, а потребите се најголеми во сиромашните заедници.

Но студијата покажува дека постои реален, технички достижен начин за добивање стабилни, синтетички антиотрови што би можеле да се произведуваат поевтино, поодржливо и во поголеми количини. Можеби токму комбинацијата од класична имунологија, компјутерски дизајн и политичка волја ќе го извлече овој „заглавен“ биомедицински проблем од калта – исто како што некогаш, со голем напор, успеваат да се придвижат и тврдоглавите лами, кога ќе се заинатат.

извор

24 ноември 2025 - 18:15