За Јоги Бера:

Не е готово додека не е готово

Пред некој ден во својот дом во Њу Џерзи на 90 годишна возраст почина еден американски безбол играч. Ќе немаше причина да го бележиме овој настан доколку не се работеше за Јоги Бера. За пароли ние го имавме Грунф од Алан Форд, Американците го имаа Јоги.

Јоги Бера е легендарен играч кој одигра 19 сезони за њујоршките Јенки. Заедно со соиграчите од калибарот на Ди Маџио и Мики Мантл суверено владеат со американската безбол лига. Има освоено 10 шампионски титули и учествувано во рекорден број финалиња.

Јоги Бера е инспирација за познатиот цртан лик Yogi Bear, мечката Јоги. Не му е тоа баш најдраго па едно време размислува и да ги тужи Хана Барбера за тоа.

Она по што е најпознат за пошироката јавност се неговите налудничави но ужасно згодни коментари и изреки (некои од нив апокрифни), кои добиваат и жанровска титула -  јогизми. Најчесто се работи за премногу очигледни тавталогии или парадоксални контрадикции кои во себе имаат не само хумор туку и мудрост. Од овој тип: 

  • Половина од лагите што ги зборуваат за мене не се вистина.
  • Можеш многу да видиш само со гледање.
  • 90 посто од безболот е во главата. Другата половина е во телото.
  • Ако не му отидеш на погреб, и тој нема да дојде на твојот.
  • Направивме многу погрешни грешки.
  • Денарот денеска не вреди ни пет пари.
  • Ако не можеш да го имитираш, не го копирај.
  • Честитам. Знаев дека рекордот ќе остане сè додека некој не го сруши.
  • Пресечи ми ја пицата на четири парчиња, шест ми се многу.
  • Немаше да нè победиш ако ние те поразевме.
  • Никогаш не враќај писма на непознат испраќач.
  • Обично дремам по два часа, од еден до четири.
  • Иднината не е тоа што некогаш беше.
  • Сè порано станува доцна.
  • Треба да си внимателен ако не знаеш каде одиш бидејќи можеш и да не стигнеш таму.
  • Ги немам кажано повеќето работи што сум ги кажал.
  • It ain't over till it's over.

 

25 септември 2015 - 09:11