Владимир Арсениќ (не Арсенијевиќ), книжевен критичар и преведувач, магистрирал компаративна книжевност во Тел Авив и преведува од хебрејски. Меѓу другото пишува книжевни осврти во е-новине, во кои знае да биде навистина остар. Пренесуваме делови од неговиот најнов текст, за книга која ја немаме прочитано, и тоа заради две работи. Прво, за да видите дека пердашење може да мотивира да посакате да го прочитате критикуваното, за да видите дали е стварно до толку. Второ, за да ја споредите критичката мисла таму, и тука. Колку ли само судски рочишта би тежела оваа критика, доколку би била упатена на некој од нашите писатели?
Кон: „Кросфејд" од Соња Веселиновиќ (издавач: Културни центар Новог Сада, 2014)
Постојат така жени и мажи кои се занимаваат со книжевноста на таканаречен научен начин. Предаваат на факултети, ги има таквите високошколски установи, фала му на Бога, како ситни кучиња, зад секоја шупа по едно, како печурки после дожд. Но тоа не им е доволно, тоа што своите мрзливи мозоци и позадини ги сместиле во синекури и синекурчини и што ја трујат и онака затруената младина. Затоа што тие се еден од главните виновници за тој бесмислен круг на несреќа, тоа врзано коло на грозна и ординарна глупост која создава генерации и генерации средношколски професори и професореси, кои потоа произведуваат нови генерации заглупени матуранти и идни студенти, кои пак ќе станат асистенти и/или наставен кадар на нашата просвета и така во круг.
Тоа перпетуирање на жалната подпросечност, тие воодушевувања на полуписмени академици, на безумни прозаисти и препотентни стихоклепци кои се загрижени само за степенот на сопствената портокаловост, таа романтичарска епска неукост која се слави како автентична како да не им е доволна, туку седат и пишуваат книги, романи, приказни, драми, поезија, роварат по хартијата како свињи по кал и грокаат без талент и смисла. Затоа што не секој кој ја прочитал обврзната литература за сите четири години компаративна/општа книжевност или која и да е друга студијска група на филолошкиот или филозофскиот факултет, и кој на некои од тие катедри дипломирал - е писател односно писателка, а секој богами се прави дека е и дека да се напише книга е најлесна работа на светот, нешто како утринска тоалета или празнење црева.
Најновиот и последен пример на ваква псевдокнижевност, на вакво професорско-книжевно дрдрорење е романот Кросфејд на Соња Веселиновиќ. Како да се одреди/сфати/толкува/разбере текст кому не му се знае ни почеток ни крај, кој нема апсолутно никаква драматургија, а онаа која ја позајмува од салсата (ок, колку необично) или Андерсеновата бајка „Снежната кралица" (ах, колку оригинално) не умее да ги примени, освен како млатење празна слама, претурање од шупливо во празно, продавање рог за свеќа и свињски тестиси за бубрези...На младата асистентка сепак треба да ѝ се одаде признание затоа што говори за телесноста и сексот, го спомнува зборот „пушење" во смисла на орален секс, па тоа е неверојатна храброст, тоа е победа над нашата забајатена академска заедница, тоа е пробив рамен на стапнување на човечката нога на Месечината. Ма немојте, ве молам!
...Жална е оваа книжевност и бедна, со секој ваков роман сè помачна. И тажно е ова општество, и голема е ова паланка во која е важно да се докажуваш со пишување бедни романи кои и онака никој нема да ги чита, но важни се и згодни за биографија, сведочат за слободата и убавината на духот на авторот или авторката. Истовремено, позицијата на моќ од кое произлегува тоа пишување обезбедува макар и една дланка читатели кои и онака ништо нема да разберат, но пред професорот/професорката гласно ќе расправаат за стилската доследност, идејната ширина, интертекстуалниот замав. Оние другите, ништо помалку глупи, ќе се смеат на наивната реторика која не успеала ни половина од она што замислила, а тие замисли се патетично проѕирни и можат да се исчитаат од белешките за предавањата...Ако ја видите оваа книга прескокнете ја, избегнете ја по секоја цена, не си го трошете своето скапоцено време на бесмислено нижење зборови чие значење не е можно да се одгонетне, а притоа не се работи за надреалистички експеримент. Станува збор за амбиција без покритие, за јалово јазикословие, за пуста земја и шупливи луѓе, чиј збор е секогаш последен. И тоа е она што ме секира.
Владимир Арсениќ
извор: е-новине