Во метал музиката, екстремните вокали – како врисоци и изобличени звуци – се основен дел од жанрот, но повеќето пејачи не знаат точно како ги создадат. Клиничката логопетка Аманда Старк од Универзитетот во Јута го проучува токму тоа: што се случува во грлото на овие изведувачи. Нејзината работа може да им помогне на вокални тренери, на професионалните пејачи, но и на луѓе со говорни нарушувања.
Истражувањето почнало кога вокалната тренерка и јутјуб-креаторка Елизабет Жароф ѝ се обратила на Старк за техниките на тн. „груби вокали“. Таа работела со Вил Рамос, фронтмен на бендот „Лорна шор“. Старк го повикала Рамос во лабораторијата за да ги проучи неговите вокални изведби.
Со динамична магнетна резонанца, истражувачите го снимале и реконструирале движењето и стеснувањето на вокалниот тракт додека пејачите произведувале различни видови екстремни вокали и ги споредувале со нормално („чисто“) пеење. Старк била особено изненадена кога со ларингеален ендоскоп забележала дека кај Рамос вокалниот тракт се извлекува на едната страна — нешто што никогаш порано не го видела.
Подоцнежните анализи со ендоскопија, електромиографија и МРИ покажале дека Рамос користи мускули од вратот и телото за да го повлече вокалниот тракт надесно, што овозможува создавање на специфичните „груби“ звуци и воедно одржува рамнотежа на притисокот кој се создава од белите дробови.
Охрабрена од првичните резултати, Старк — која тогаш станала и самопрогласен „металхед“ — заедно со Жароф и Рамос започнала нова фаза на истражување, финансирана преку Кикстартер, со цел да се анализираат повеќе вокалисти од различни метал-поджанрови. Иако открила дека техниките значително варираат меѓу пејачите, постојат и заеднички карактеристики: многу од нив го обликуваат јазикот и внатрешноста на устата на многу специфични начини.
Старк вели дека екстремните метал вокалисти се како екстремни гимнастичари или акробати – на необичен начин ги користат мускулите, лигаментите и дишните патишта. Анализите покажале дека токму ова изобличување на вокалниот тракт им овозможува да ги создаваат звуците без да ги оштетуваат гласните жици. За разлика од класичното пеење, кај овие техники гласните жици не се тресат и не удираат една во друга, па затоа не доаѓа до оштетување. Сепак, целото тело работи напорно за овие звуци и физички се исцрпува.
Истражувањето има и пошироки цели: да им помогне на вокалните тренери да ги учат учениците како безбедно да произведуваат вакви звуци, но и да понуди увид за третман на лица со оштетени или отстранети гласни жици. Ако професионални пејачи можат да ја „препрограмираат“ вокалната анатомија за да создадат звук без вибрација на жиците, тогаш и луѓе со одредени нарушувања би можеле да научат алтернативни начини за производство на глас.