Toм Стопард бил тивок холивудски „доктор за сценарија“

На 29 ноември, замина еден од најдобрите драмски автори во светски рамки, кој за Македонија велеше дека ја чувствува како дома. Oсвен за театар, пишуваше за филмови, меѓу кои и сценарија наградени со највисоките признанија. Но има и такви за кои давал совети, но никогаш не се потпишувал - дури и заборавал дека некогаш работел на нив. 

фото: EpaImages

Том Стопард, роден како Томас Штрауслер во 1937 во Чехословачка, беше само еден од најдобрите драмски писатели во светот, кој истиот тој свет главно го знаеше по филмските сценарија за „Бразил“, „Били Батгејт“, „Заљубениот Шекспир“ (за што доби и Оскар) и „Ана Каренина“. Нам ни е прираснат за срце поради „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“, филмот но и театарската претстава која беше поставена во Драмскиот театар во режија на Златко Славенски, во која главните улоги ги играа Сенко Велинов и Драган Спасов-Дац, а која за жал кратко беше на сцената бидејќи вклучуваше и британски актери. Во 2015 Стопард беше во Скопје за да ја прими меѓународната награда „Табернакул“ и тогаш изјави дека Македонија ја чувствува како дома.

Сепак, неговиот огромен талент и искуство биле ангажирани (и секако плаќани) и за други цели. Го викале „тивок доктор за сценарија“ во Холивуд. Честопати работел и зад кулисите на големи блокбастери, без да биде наведен на списокот соработници. Првпат бил ангажиран како консултант кај Стивен Спилберг на „Империја на сонцето“ (1987). Спилберг подоцна повторно го повикал да го подобри „Индијана Џонс и последниот крстоносен поход“, посебно за да внесе емоција „без притоа да западне во патетика“. Иако не е наведен како автор, речиси целиот конечен дијалог е негов. Во споредба со претходната верзија на сценаристот Џефри Боум, Стопард отстранил ликови, го вовел таткото на Индијана многу порано и направил други клучни измени – за што заработил речиси 2 милиони долари.

Спилберг го сметал за „скриен благослов“ и често му се јавувал за мислење: за време на снимањето на „Шиндлеровата листа“ му испраќал реплики по факс. Во деведесеттите добивал и по 500.000 долари за неколкунеделно усовршување на сценарија за Универзал. Така наишол и на раната верзија на „Вљубениот Шекспир“, која подоцна ќе му донесе Оскар.

Учествувал во преработки на разни филмови – од „Хук“ и „Слипи Холоу“ до „Борновиот ултиматум“, па дури и на филмови со кучиња како „Бетовен“ и „102 Далматинци“. Сето тоа го правел додека паралелно ги пишувал своите големи драмски дела како „Аркадија“, „Вистинска љубов“ и „Крајбрежјето на Утопија“.

Бидејќи многу од овие работи биле тајни, понекогаш и самиот заборавал што точно има напишано. Така, кога во 2014 му споменале дека претходно работел на „Одмаздата на Ситовите“ со Ијан Мекгрегор, Стопард се пошегувал дека не знае дали Мекгрегор воопшто кажал некоја негова реплика.

Скрипт докторите се добро платени токму затоа што работат дискретно, но колегите-сценаристи секогаш го сметале Стопард за најдобриот можен избор ако треба некој да го „препише“ твоето дело.

Стопард почина на 29 ноември, на 88-годишна возраст во својот дом во Дорсет, Англија. 

За него види претходно тука:

Том Стопард пишува радио драма за Пинк флојд

Стопард, Лу Рид и Чешката револуција

Нова претстава во која Бекет и Стопард разменуваат СМС-и и емотикони

1 декември 2025 - 09:39