Како напред? Назад!

Да, можеби излезот од целосниот хаос во кој се прпелка светот е враќање неколку века наназад. Не затоа што тогаш немало мобилни и таблети, а луѓето многу се почитувале и си викале добар ден, туку затоа што тогаш имало и - просветителство. А тоа значи емпирија, рационалност, факти, трагање по вистината. Не по пост-вистината и не по лагите кои ќе се наречат алтернативни факти.

Дали поствистинитите политики ќе го докрајчат просветителството?

Новинарите и политичарите ги воведоа изразите „поствистинит свет“ и „поствистинита политика“. Некои постмодернисти со радост ја пречекаа оваа нова ера. Таа, ентузијастички извикуваат тие, ќе му стави крај на Проектот на просветителството. Ова е точно. Зашто просветителството ѝ беше посветено на потрагата по вистината наспроти религиозните догми и политичката нетрпеливост. Тоа се залагаше за емпириската наука и за нејзините методи, како спротивни на верските осудувања базирани на Библијата или на авторитетот на црквата. Тоа бараше разум и рационално оправдување за социјалните институции штетни за човековата среќа. И се бореше за слобода на говорот и слобода на печатот, како спротивни на верската и политичката цензура.

Лажливите и заблудени изрази „поствистинит свет“ и „поствистинита политика“ произлегоа во 2016 од дебатите за британскиот референдум за членството во Европската Унија и за американските претседателски избори. Во двата случаи, политичарите и новинарите искажуваа бесрамни лаги. Лагите, познати и како „алтернативни факти“, станаа легитимна политичка валута. Многу политичари што ловеа гласови не беа ни најмалку заинтересирани за дебатирање врз основа на утврдените факти и добро поткрепените вистини и доаѓање до здрави заклучоци. Им беше важно само да ги добијат гласовите за да можат да ги грабнат функциите или да ги постигнат своите цели - без разлика колку големи беа лагите и колку обемно беше извртувањето на фактите.

Постфактичките политики се во потрага по политички цели без оглед на фактите и на достапните докази. Ставовите на експертите, меѓународните и уставните адвокати, научниците и конзерваторите, економистите и политиколозите, беа отфрлени со објаснување дека експертите понекогаш прават грешки - што е вистина. Но никогаш не беше објаснето како постфактичките тврдења на неинформираните и неуки политичари и новинари може да добијат имунитет за грешките. Доказите беа неважни. Нив ги заменија тапите тврдења на популистите и харизматичните политичари и на новинарите за кои верноста кон своеволните, себични прес-барони беше далеку поголема од грижата за вистината или разумот. Неизбежната цена на занемарувањето на фактите, отфрлањето на образованите и научни ставови и за негирањето на поткрепените, разумни предвидувања допрва ќе треба да се плати. Но сметките почнуваат да доаѓаат. Веќе се гледаат две долгорочни цени - штетата нанесена на духот на демократијата и замаглувањето на разликата помеѓу демократското владеење и правилото на популарност.

Како ja дефинираме вистината?

Лажно или вистинито може да биде она што е кажано од човечките суштества. Така, мислите, верувањата, сомнежите, претчувствата и нагаѓањата на човечките суштества, кои можат да ги изразат преку она што го кажуваат, може исто така да бидат точни или неточни. Нешто што е кажано (тврдено, изјавено, соопштено) е точно ако работите се такви какви што се вели дека се. Неточно е ако работите не се такви какви што се вели дека се. Не постои такво нешто како релативна емпириска вистина, не постои такво нешто како „вистинито за мене“ или „вистинито за тебе“. Вака може да биде субјективно само мислењето, чија вистина чека потврда со повикување на фактите, и наклонетоста кон нешто, која може или не може да биде рационално оправдана. Грубо кажано, нешто е факт ако е утврдено со набљудување или експеримент. Тоа е нешто од што некој може слободно да црпи аргументи, а за што веќе не е потребно да се даваат аргументи. Негирањето на некој факт не го прави алтернативен факт, туку лага.

Дали да се биде разумен е исто со да се биде рационален?

Дефинирачката карактеристика на човештвото што нè издвојува од сите други животни е нашата способност за размислување. Тоа ниту е дар од боговите ниту е мистерија, туку е последица на тоа што сме битија што го користат јазикот. Способноста за размислување е изложена во расудувањето. Расудувањето е извлекување заклучоци од премисите што ги оправдуваат. Човек расудува добро кога неговите премиси му даваат добри причини за да го смета заклучокот за вистинит. Рационалното животно може да препознае нешто како разумна причина, и е способно да ги одмерува причините, да ги разгледува причините и да доаѓа до заклучок врз основа на разумните причини. Разумот и раководи и регулира. Употребувајќи го ние се раководиме кон нашите мисли и ставови во врска со тоа какви се нештата, кон нашите одлуки за тоа што да сакаме и што да правиме, и кон нашите чувства - зашто ние имаме разумни причини за размислување, за дејствување, како и за нашите емоции. Употребувајќи го ние ја контролираме нашата за жал моќна склоност кон мислење, дејствување и чувствување од лоши причини или без причина. Дали ќе избереме да ја вежбаме нашата рационална способност зависи од нас. Само суштествата што ја имаат моќта на разумот може да дејствуваат ирационално или неразумно. Само таквите суштества се одговорни, одговараат за своите дела. Зашто само таквите суштества можат да одговорат на прашањето „зошто?“ - можат да го оправдаат тоа што го мислат, што го чувствуваат и она што ќе го направат, и можат да го оправдаат и да го објаснат она што го мислат, го чувствуваат или го прават.

Нашата способност за расудување има две лица: да се биде рационален и да се биде разумен. Сè што е разумно е рационално, но не е разумно сè што е рационално. Рационалниот економски човек е парадигма за неразумноста. Човек е рационален ако неговото размислување не е заматено од неважни размислувања и ако е валидно. Но човек може да биде рационален во потрагата по будалести или злобни цели, и во потрагата по една единствена цел (на пр, максимизирање на профитот) занемарувајќи ги сите други и несвесен за доброто на другите човечки суштества. Да се ​​биде рационален, во оваа смисла, е поврзано со служењето како средство. Разумноста - другото лице на нашата способност за расудување - е поврзана со почитувањето на вредностите и нивната многукратност, со свесноста за разумните грижи на другите, со способноста да се балансираат противречните потреби на луѓето и ситуациите, со умереноста во барањата и во очекувањата. Ирационалноста е спротивна и на разумноста и на рационалноста.

Што е Проектот просветителство?

Просветителството беше меѓународно движење на мислата во Европа и Северна Америка што се појави во втората половина на 18 век во мноштво различни центри во нешто различни времиња. Членовите на просветителското движење беа мали групи на интелектуалци, составени од филозофи, литературни ликови и научници што се борат против предрасудите на своето време. Просветителството како меѓународно движење во најголем дел заврши со Виенскиот конгрес во 1815 година, на кој повторно беше воведен стариот режим низ цела Европа, повторно беше зајакната Црквата, беше потиснувана слободата на говорот и на религијата и беа заживеани дивјачките казни. Проектот на просветителството продолжи до денес и во моментов е под ужасна закана од гласовите на неразумот - национализмот, ксенофобијата, верскиот фанатизам и дивјаштвото, капиталистичките економски услови за максимизирање на профитите на компаниите и националниот економски раст на сметка на другите социјални и морални цели, и под закана од поствистинитите политики.

Просветителството не беше интернационално само по членството и центрите на активност, туку и по духот. Зашто тоа се залагаше и практикуваше слободна меѓународна размена на идеи и научни сознанија (дури и во време на војна) и напредни програми за меѓународен мир (Кант). Просветителските ликови ќе ја одобреа идејата (но не и практиките) на Обединетите нации. Првите просветителски ликови (на пример, Волтер) не ја поддржуваа демократијата и им годеше автократијата, под услов да е просветлена автократија со уставно ограничени овластувања. Подоцнежните членови (на пример, Бентам, Пајн, Годвин) се залагаа за репрезентативна демократија. Практично сите веруваа во моралниот, легалниот и политичкиот напредок што би резултирал не од револуција, туку од слободната употреба на разумот и од напредокот на емпириската наука.

Повеќето просветителски фигури беа застапници на универзалните човекови права (Кант) и со сета сила на своите моќни пенкала се бореа за казнена реформа и против произволното затворање, употребата на судската тортура и широката примена на смртната казна (Бекариа, Бентам). Практично сите членови на просветителството беа против свештениците. Првите членови на движењето имаа тенденција да бидат деисти, па потоа агностици, кулминирајќи во атеисти на крајот на 18 и почетокот на 19 век. Тие не се обидуваа да ја уништат религијата, туку се залагаа за верска толеранција (Лесинг). Повеќето бараа одвојување на црквата и државата, и отстранување на верската власт од образованието. Тие претпочитаа универзално образование и ширење на знаење што се темели на здраво емпириско истражување и научна теорија насочени кон подобрување на човечката состојба. Што се однесува на моралот, тие го отфрлаа теолошкиот став дека во отсуство на вероисповед и покорност кон црквата не може да има морал бидејќи моралот е божествено дело. Напротив: според просветителските мислители, моралот е природна појава што треба да биде објаснета со повикување на природното човечко сочувство и природните потреби за социјална соработка (Хјум, Адам Смит), или со повикување на природната употреба на независниот човечки разум (Кант).

Кои се последиците од губењето на вербата во разумот?

Откажувањето од верата во разумот е залудно освен ако не се предложи алтернатива. Но самото залагање за алтернативи (како склоноста кон неконтролиран национализам, ксенофобија, религиозен фундаментализам) подразбира склоност кон (слаби или лоши) резонирања, кои се подложни на трибуналот на Разумот. Конфузијата делумно произлегува од неуспехот да се направи разлика меѓу економската рационалност како средство и разумноста. Разочарувањето од глобализацијата, од нееднаквата распределба на богатството, пристапот до социјалните добра (социјална заштита, здравствена заштита, образование), како и од политичкото отуѓување не може да се излечи со нерационалност, туку само со разумност и со разумна дебата. Ако пропадне тоа, настапува дистопија.

Дали живееме во премногу рационален, разумен свет? - Ни најмалку.

Нашиот недостиг од сериозен одговор на најголемите предизвици со кои човештвото некогаш се соочило, главно глобалното затоплување и пренаселеноста, е сè само не рационален. Трчаме како луди кон понорот од пораста на глобалната температура за четири степени до крајот на веков и население од 11,5 милијарди.

Нашата сегашна форма на живот - материјалистичка и алчна, висококонкурентска и очајно несигурна, со распад на семејството и слабеење на социјалниот идентитет, сфаќање на образованието не како добро самото по себе, туку само како подготовка за учество во пазарната економија, наметнување на моделот на пазарна економија и на мотото „парите го вртат светот“ во сите општествени институции (училишта, универзитети, болници, јавни услуги, културниот живот на нацијата) и во односите меѓу луѓето - е сè само не разумна.

Ниедно од овие прашања (ниту пак десетина други големи проблеми) нема да биде решено со уште повеќе нерационалност и неразумност. Тие може да бидат решени само со утврдување на фактите и со соочување со нив, со јавна дебата и образложен аргумент.

Питер Хакер, Оксфорд, витгенштајновец

 

16 март 2017 - 17:05