Том Стопард, најпознат како добитник на Оскар за сценариотo за „Заљубениот Шекспир", ко-авторството со Тери Гилијам на „Бразил", и по нам драгиот „Розенкранц и Гилденстерн се мртви", сега пишува радио драма посветена на 40-годишнината од излегувањето на албумот.
Едночасовната „фантастична и психоделична приказна", како што ја нарече во најава Гардијан, ќе содржи музика од албумот, како сега веќе антологиските Money, Time и The Great Gig in the Sky.
Идејата на Стопард му била сугерирана од пријател уште пред четириесет години, но тој на ова се согласил дури сега, кога за истата идеја му се обратиле од Би-би-си.
Драмата ќе се вика „Темната страна" и ќе обработува теми како алчност, лудило и конфликт. Проектот го има благословот на Дејвид Гилмор, кој изјавил дека го прочитал сценариото и дека бил фасциниран. Самиот Стопард, пак, е догогодишен обожавател на Пинк Флојд, и веќе има пишувано драми со теми од музиката и рокенролот, како истоимената драма од 2006, „Рокенрол", посветена на починатиот основач на групата, Сид Барет, која еден критичар ја опишал како „длабоко трогателно дело за големиот водач на британскиот поп".
Самиот албум „Темната страна на месечината" е податен за адаптација како радио драма, бидејќи самиот по малку наликува на овој жанр, со звучните ефекти како оние врисоци и звуци на хелихоптери на почетокот на албумот, касите во воведот за „Пари" или чукањето на часовниците и звукот на алармите на „Време".
И еден друг албум на Пинк Флојд, „Ѕидот", беше адаптиран во филм, мешавина на игран и анимиран, режиран од Алан Паркер во 1982.
„Темната страна" ќе биде пуштена во етерот во август.