Само британската влада потрошила неверојатни 560 милиони фунти на две лекарства кои највисоките светски здравствени авторитети своевремено ги наведуваа како главна надеж за спас од двете варијации на грип кои тогаш предизвикаа глобална параноја.
424 милиони фунти биле одвоени за залихи од Тамифлу а 136 милиони за Реленца, лекови чија набавка во 2009-та година ја препорачуваше самата Светска Здравствена Организација.
Четиригодишна клиничка студија на независни научници кои педантно ја испитувале ефикасноста на овие препарати утврдила дека најдоброто што "спасоносниот" Тамифлу може да го направи е да го скуси боледувањето за - половина ден.
Наместо грипот да го тресе човека 7 дена, со Тамифлу ќе го тресе 6,3 дена.
И не само тоа. Научниците откриле сериозни нус-појави на овие лекарства кои не биле целосно обелоденети a кои вклучуваат и психички и проблеми со бубрезите.
Групата во која има и професори од Харвард сега инсистира Светската здравствена организација да ги ревидира своите препораки а од државите бара да не ги обновуваат по автоматизам залихите на бескорисните Тамифлу и Реленца.
Деталните наоди на групата наречена Cochrane Collaboration се комплетно објавени и доставени до јавноста, што само по себе е битна епизода во долгата битка со фармацевтските компании кои тоа одбиваат да го прават, продолжувајќи ја практиката да се потпирааат на истражувања кои сами ги финансираат а наодите селективно да се пренесуваат во стручни магазини.
"Мораме да ги натераме фармацевтските компании да ги достават сите податоци кои ги имаат, макар тоа значело и да се вратиме 20 години назад. Во спротивно ризикуваме повторно рефлексно да наседнеме на нови потенцијални пандемии. А можеме ли тоа да си го дозволиме?", прашува доктор Фиона Годли, уредник во British Medical Journal кој го публикуваше истражувањето на независните експерти.