Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека вчерашните дискусии со Украинците биле најпродуктивни досега. Во заедничка изјава преговарачите објавија дека остануваат спорни точки, за кои се надеваат дека ќе бидат надминати што е можно побрзо. Рубио забележа дека би сакал да има договор до четврток – Денот на благодарноста, но додаде дека тој рок „не е врежан во камен“.
Американската делегација прифатила некои измени во планот, по барање од украинската страна. Детали не се соопштени, но Белата куќа во одвоено соопштение порача дека новата варијанта на мировниот план опфаќа поцврсти гаранции за безбедноста.
Украинците изразија изразија благодарност за пристапот за вклучување на нивните забелешки за секоја компонента од новата рамка за решавање на спорот. Промените направени во предлогот сега ги одразуваат нивните национални интереси и обезбедуваат кредибилни и применливи механизми за заштита на безбедноста на Украина и на краток и на долг рок, соопшти Белата куќа.
Украинската делегација објави речиси идентично соопштение.
За да заврши оваа војна Украина ќе мора да се чувствува безбедно. За тоа мора да се разговара... Не сакам тука да прогласам победа или крај. Има уште работа, но денеска сме многу подалеку отколку што бевме кога почнавме утрово, а особено во однос каде бевме пред една недела, изјави Рубио пред да се врати од Женева во Вашингтон.
Конечната верзија на договорот ќе мора да ја прифатат претседателите Доналд Трамп и Володимир Зеленски, кој до крајот на оваа недела се очекува да ја посети Белата куќа.

Трамп вчера ја критикуваше Украина поради тоа што „покажала нула благодарност“ за американските напори да заврши војната, но по телефонскиот разговор со Рубио изразил задоволство од напредокот постигнат во Женева.
На американско-украинските преговори присуствувале и претставници на европските партнери на Украина, кои објавија сопствен предлог-договор за крај на војната - значително различен од американскиот. Во европскиот план од Киев не се бара да ѝ ги отстапи на Русија териториите што веќе ги зазеде во војната, нема забрана за приклучување на Украина во НАТО и се предвидува учество на европски воени сили на украинска територија.
САД веќе ги отфрлија ваквите барања од својот план, бидејќи со нив Русија никогаш нема да се согласи.
Европскиот план за крај на војната во Украина:
1. Крај на војната и договори за да се обезбеди дека нема да се повтори, со цел да се воспостави трајна основа за долготраен мир и безбедност.
2. Целосен и безусловен прекин на огнот.
3. Двете страни веднаш почнуваат преговори за мониторинг на прекинот на огнот, со учество на САД и европските земји.
4. Меѓународно набљудување на прекинот на огнот, предводено од САД, преку сателити, беспилотни летала и други технолошки алатки, со флексибилна копнена компонента за истражување на прекршувања.
5. Ќе се создаде механизам преку кој страните ќе можат да пријавуваат прекршувања на прекинот на огнот и да дискутираат за корективни мерки.
6. Русија безусловно ќе ги врати сите депортирани и нелегално раселени украински деца. Процесот ќе биде поддржан од меѓународни партнери.
7. Размена на сите воени заробеници според принципот „сите за сите“. Русија ќе ги ослободи сите цивилни притвореници.
8. По обезбедувањето одржлив прекин на огнот, страните ќе преземат мерки за хуманитарна помош, вклучително и посети на семејствата преку линијата на контакт.
9. Почитуван и потврден суверенитет на Украина. Украина не е принудена да биде неутрална.
10. Робусни и правно обврзувачки безбедносни гаранции за Украина, вклучително и од САД, (преку договор сличен на Членот 5 на Повелбата на НАТО), заради одвраќање идна агресија.
11. Нема ограничувања за украинските одбранбени сили и одбранбената индустрија, вклучително и за меѓународната соработка.
12. Државите гаранти ќе бидат ad hoc група од европски и други земји. Украина е слободна да одлучува за присуството, оружјето и дејствувањето на пријателските сили што ги поканува на своја територија.
13. Членството на Украина во НАТО зависи од консензус во Алијансата.
14. Украина станува членка на ЕУ.
15. Украина е подготвена да остане ненуклеарна држава.
16. Територијалните прашања ќе бидат дискутирани и решени по целосно и безусловно примирје.
17. Територијалните преговори започнуваат од сегашната линија на контрола.
18. Откако ќе се договорат територијалните прашања, и Русија и Украина се обврзуваат да не ги менуваат со сила.
19. Украина ќе ја врати контролата врз нуклеарната централа Запорожје (со учество на САД) и браната Каховка. Ќе се создаде механизам за пренос на контролата.
20. Украина ќе има непречен премин по реката Днепар и контрола врз Кинбурн.
21. Украина и нејзините партнери ќе продолжат со економска соработка без ограничувања.
22. Украина ќе биде целосно обновена и финансиски компензирана, вклучително и преку руски суверени средства кои ќе останат замрзнати сè додека Русија не ѝ ја надомести штетата на Украина.
23. Санкциите воведени врз Русија од 2014 година може постепено и делумно да се ублажат откако ќе се постигне одржлив мир и ќе бидат вратени на сила ако таа го прекрши мировниот договор.
24. Сите членки на ОБСЕ ќе почнат посебни разговори за Европската безбедносна архитектура.
Американскиот план од 28 точки тука.