Трамп очекува мир во Украина до декември

Администрацијата на Трамп им дава на Украина и на Русија „агресивен“ временски рок да го прифатат предлогот од 28 точки, за да заврши војната до крајот на оваа година. Од Зеленски се очекува да го потпише мировниот договор пред Денот на благодарноста – идниот четврток, а од Москва до почетокот на декември, за да заврши војната до крајот на оваа година.

Украина е под силен притисок брзо да го прифати сеопфатниот мировен план што го состави администрацијата на Трамп со Москва за да заврши војната. Претседателот Володимир Зеленски вчера разговарал за планот со американска воена делегација предводена од секретарот на Армијата Даниел Дрискол, кој му го претставил временскиот рок за потпишување.

За почеток, тоа ќе биде договор меѓу САД и Украинците, изјави во Киев портпаролот на Армијата, Дејв Батлер. 

Дрискол има задача да разговара за планот и со руски претставници, за да може војната да заврши до крајот на оваа година.

Зеленски подоцна изјави дека е спремен „чесно да се посвети“ на иницијативата и да разговара со претседателот Трамп, за договорот со кој Киев би требало да ги премине долгогодишните црвени линии. Зеленски објави дека заедно со европските партнери работи на спротивставени предлози, кои ќе им ги претстави на САД. 

Висок украински функционер за Фајненшл тајмс го опишува новиот американски предлог како „Договорот за минерали 2.0“, алудирајќи на контроверзниот договор на Киев и Вашингтон со кој на САД им беа дадени правата за критичните минерали на Украина.

Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, го критикуваше планот затоа што „не се бараат никакви отстапки од Русија“. Претставничката на Белата Куќа Каролин Ливи изјави дека планот е добар за двете страни и дека САД работат многу напорно за да биде реализиран.

Украинскиот пратеник Олексиј Гончаренко и порталот Аксиос го објавија во целост планот од 28 точки што ѝ бил претставен на Украина:

1. Суверенитетот на Украина ќе биде потврден.
2. Русија, Украина и Европа ќе склучат сеопфатен пакт за ненапаѓање; сите спорови од последните 30 години ќе се сметаат за решени.
3. Русија се обврзува да не ги напаѓа соседните земји, а НАТО се обврзува да не се шири понатаму.
4. Русија и НАТО ќе почнат дијалог за деескалација.
5. Украина ќе добие безбедносни гаранции од САД.
6. Украинските вооружени сили ќе бидат ограничен на 600.000 луѓе.
7. Украина ќе запише во Уставот дека нема да се приклучи кон НАТО.
8. НАТО нема да распореди трупи во Украина, освен британско-француски контингент.
9. Британија и ЕУ ќе стационираат авиони во Полска.
10. Украина ќе ги изгуби гаранциите ако ја нападне Русија, а договорот ќе биде поништен ако Русија ја нападне Украина.
11. Украина ќе може да се придружи на ЕУ.
12. Глобален фонд за развој ќе ја финансира реконструкцијата на Украина,
13. Русија ќе се врати во Г8 и постепени ќе ѝ бидат укинувани санкциите.
14. Од замрзнатите руски средства 100 милијарди ќе бидат наменети за обнова на Украина, а другите ќе ѝ бидат одмрзнати.
15. Ќе биде воспоставена „жешка линија“ за комуникации меѓу САД и Русија.
16. Русија ќе усвои закон за ненапаѓање на Европа и Украина.
17. САД и Русија ќе ги прошират договорите за контрола на нуклеарно оружје.
18. Украина ќе се откаже од нуклеарно оружје.
19. МААЕ ќе ја управува нуклеарната централа Запорожје. Русија и Украина ќе ја делат струјата по пола.
20. Двете земји ќе спроведат програми за толеранција. Украина ќе забрани нацистичка идеологија.
21. Доњецк и Луханск во целост ќе бидат признаени како руски, и ќе бидат демилитаризирана тампон-зона. Разграничувањето во Херсон и Запорожје ќе биде по линијата на фронтот. Русија ќе ги повлече трупите од регионите околу Харков, Дњепропетровск и Суми.
22. Украина и Русија нема да ги менуваат територијалните договори со сила.
23. Русија ќе ѝ дозволи на Украина да ги користи Дњепар и Црно Море за извозот на жито.
24. Ќе бидат разменети сите воени и цивилни заробеници и притворени лица.
25. Украина ќе одржи претседателски избори во рок од 100 дена.
26. Амнестија за сите.
27. Договорот ќе биде правно обврзувачки и ќе биде надгледуван од Мировен совет предводен од Доналд Трамп.
28. Веднаш по потпишувањето на меморандумот ќе настапи примирје, по што ќе почне повлекувањето на трупите.

21 ноември 2025 - 07:51