Во јули 2020 година, американската фондација Право да се знае (U.S. Right to Know) чија мисија е разоткривање на корпоративните и владини дубари кои му се закануваат на нашиот прехрамбен систем, околина и здравје“ побарала јавно достапни документи поврзани со потеклото на коронавирусот.
Подоцна почнува да ги објавува добиените податоци кои вклучуваат извештаи за небезбедни услови во некои американски био-лаборатории како и меилови поврзани со влијателната EcoHealth алијанса (која добива државни пари) и нејзините конекции со институтот во Вухан. Обелоденетите меилови воопшто не се ласкави за Алијансата и откриваат како таа го организирала писмото до угледниот медицински журнал Лансет во кое се бара идејата дека ковидот можеби има лабораториско потекло, да биде отфрлена како „теорија на заговор“.
На „Право да се знае“ им е јасно дека нивната работа нема да им донесе многу пријатели бидејќи се занимаваат со сензитивни теми како што се генетски модифицираните организми, но се покажува дека истовремено се многу ранливи на боговите на денешната видливост - алгоритмите.
Иако не се по кликови, забележуваат дека во декември, сообраќајот на сајтот, речиси преку ноќ, им паѓа за 60%.
Слична работа им се случи и на познатиот Светски социјалистички веб сајт кој последниве години е своевиден канаринец во рударско окно кога се работи за новите форми на цензура и ограничувања на слободата на говорот (види: Цензорската секира гледа десно ама делка лево).
Или алгоритмите имаат проблем да разликуваат теории на заговор од легитимни извештаи кои одат контра доминантните наративи, или - тоа така треба.
Падот на сообраќајот кај некои сајтови го потврди и Гугл објавувајќи во декември дека направиле битни промени на алгоритмите. Тоа го имаат правено и порано со феноменално „ми чуе“ објаснување. „Знаеме дека сајтовите кои регистрираа пад во сообраќајот ќе бараат начини како да ги поправат работите, но сакаме да знаат дека можеби нема што да поправат.“
„Со други зборови, ништо не сте згрешиле, едноставно, зезнати сте“, преведува на разбирлив јазик Мат Таиби.
„Право да се знае“ се практично без реклами, не агрегираат туку објавуваат оригинални извештаи базирани на јавни документи и се класична спротивност на денес на денес доминантните трагачи по кликови, SEO (Search engine optimization) сајтови кои везден мозгаат како да бидат повидливи за пребарувачи.
Нивниот директор сепак контактирал луѓе кои се разбираат во овие работи но тие му рекле дека би можеле да помогнат за околу десетина од еден процент од маката. За остатокот од 99,9% признале дека и тие не разбираат што е работата.
Со други зборови, ништо не згрешиле, едноставно, зезнати се.