На 15 ноември, неколку недели откако Твитер блокираше сторија на Њујорк пост (види овде) за што оправдано се дигна голема прашина, Роџер Вотерс од Пинк Флојд алармираше за еден случај кој мина со далеку помал публицитет.
IYSSE e студентско движење поврзано со Интернационалата на социјалистички партии и биле суспендирани поради опскурни техникалии. Тоа е само уште една организација блиска со познатиот Светски социјалистички веб сајт (WSWS) кој последниве години е своевиден канаринец во рударско окно кога се работи за новите форми на цензура и ограничувања на слободата на говорот.
На Запад многумина не обрнуваа внимание на новите форми на „модерирање содржини“ (омилениот еуфемизам за новата цензура) сè до мај 2019, кога големите социјални платформи речиси синхронизирано банираа ликови како Алекс Џонс и Мило Јанополис. Веднаш тргна легендата дека ова е удар насочен кон десницата иако долго пред тоа Социјалистичкиот веб сајт упорно алармираше за опасноста од корпоративното уредување содржини со кои се задушуваат поинакви мислења.
Тие уште во 2017 упатија отворено писмо до Гугл во кое бараат да престане практиката со политички црни листи од кои не се закачени само тие.
Како и многу други алтернативни извори на вести, WSWS регистрирале значаен пад на сообраќајот на сајтот во периодот 2016-2017, време во кое после победата на Трамп, сè почесто се наметнуваше темата за „лажни вести“.
„Во мај оваа година, пребарувањето на Гугл на терминот „Лав Троцки“ резултираше со 5.893 појавувања на WSWS во резултатите. Веќе во јули, истото пребарување дава НУЛА резултати од сајтот на WSWS кој е всушност интернет публикација на Интернационалата која е формирана токму од Лав Троцки во 1938 година“, велат тие во писмото до Гугл.
Овие промени се резултат на проектот на Гугл (Project Owl) одобрен во 2017 година а дизајниран да им се даде поголема видливост на „поавторитетни содржини“ (оди па ферски дефинирај го тоа) кои добиваат поголема тежина од другите но истовремено тоа е насочување на читатели кон „угледните медиуми“ за сметка на алтернативните извори кои остануваат закопани подлабоко. Резултата: мала статија за Троцки во Њујорк Тајмс ќе се појави понапред во резултатите од она што за Троцки на тони го имаат напишано неговите идеолошки наследници.
Велат слично е и за побанални теми: ако на старите пребарувања на Гугл прво доаѓале линкови до локалните спортски клубови, во новите резултати први се линкови до федерациите и големите играчи.
Во оваа сеча на сајтови Alternet е паднат за 63%, Common Dreams за 37%, Democracy Now! е послаб за 36%, TruthOut, za 25% па дури и на Викиликс, во време на глобалната каша-попара околу Рашагејт, видливоста му била намалена за 30%.
Мат Таиби: Кога за првпат забележавте дека сте мета на новите правила за мешање и модерирање содржини од страна на корпоративните платформи и како всушност вие тоа го нарекувате?
Андре Дамон (уредник во WSWS): Го нарекуваме како што му е името - цензура а го забележавме во 2017 година, кога сообраќајот на нашиот сајт одеднаш падна за 75%. Не само нам туку и на уште дузина социјалистички веб сајтови.
Иако мета на модерирањето беа и проминентни фигури од десницата или од следбениците на Q, тврдите дека главен мотив е задушување на левичарските критики на капитализмот.
Дамон: Ние не веруваме дека цензурирањето фашисти е ефикасен начин за борба против фашизмот. Тоа само им дава тежина на нивните тврдења дека се борат против естаблишментот. Фашистите добиваат гориво од високите инстанци на финансиската олигархија, од државатa и полицијата. Цензурата само ги прави посилни.
Одлуката што е вистина а што е лага не можат да ја носат корпорации кои се водени од сопствениот интерес. Работниците имаат право да ја знаат вистината а единствен начин да дојдат до неа е да читаат што и да сакаат за да изградат свој став за важните прашања.
**********
Види и:
Фејсбук и Твитер се пример дека полош од државен монопол е само приватен монопол