Демографските утки на ОЕЦД ги празнат пензиските фондови

ОЕЦД веќе четири децении објавува катастрофално лоши демографски проекции кон кои владите потоа ги прилагодуваат своите политики за пензиите и враќањето на долговите. Критичари велат дека ова не е случајно. Признавањето дека населението се намалува би ги загрозило економските модели врз кои се потпира модерното општество.

Населението во земјите од ОЕЦД забрзано ќе старее во идните 25 години и ќе ги оптовари пензиските системи, признава Организацијата за европска соработка и развој во својот нов извештај.

До средината на овој век, на секои 100 работоспособни луѓе ќе има по 52 на возраст над 65 години. Сега тој однос е 33, а на почетокот на овој век бил 22... Овој тренд најмногу ќе ја погоди Кореја, како и Грција, Италија, Полска, Словачка и Шпанија, пишува во извештајот „Пензиите на прв поглед“. 

Но, реалната ситуација веројатно ќе биде многу покритична, бидејќи ОЕЦД постојано го потценува намалувањето на стапката на фертилитет (просечниот број на деца што ги има секоја жена).

Стапката на плодност и пензиските фондови се суштински поврзани и погрешните проценки доведуваат до потенцијално катастрофални последици за полнењето на пензиските фондови.

Од податоците се гледа дека фертилитетот во земјите во ОЕЦД се намалил од 2,2 во 1980 година на 1,9 во 1994 година. Одговорот на демографите бил дека стапката ќе се опорави на околу 2,1 до средината на идниот век. Тоа се покажало како катастрофална утка. До 2022 година, стапката се намалила на 1,66. Експертите повторно објавиле оптимистичко сценарио за закрепнување на 1,85 до 2047 година. Сегашната реалност е 1,5 деца на секоја жена, а новите проекции се спуштени на 1,52 до 2050 година и 1,54 во 2070 година. 

Ова се премногу грешки во низа за да бидат случајни. Критичари укажуваат дека намерно се туркаат преоптимистички сценарија, бидејќи признавањето на падот на популацијата би ги загрозил економските модели врз кои се потпира модерното општество во богатите земји.

Многумина научници ги сметаат официјалните демографски прогнози на ОН за конзервативни проценки и веруваат дека светската популација всушност ќе се намали значително побрзо. Во студија од 2020 година објавена во журналот Лансет всушност е пресметано дека, спротивно на проекциите од ОН, светската популација набрзо ќе престане да се зголемува и дека до крајот на овој век би можело да има помалку луѓе отколку денес. 

Владите, пак, се потпираат на официјалните прогнози при планирањето на пензиските фондови, инвестициите во инфраструктурата и исплатите на долговите. Разликата помеѓу погрешните проекции и реалната ситуација може да придонесе веќе во идната деценија да почнат да пропаѓаат програмите за социјални заштита или да банкротираат фондови. Едноставно нема да има доволно работници за платат за пензиите и да ги вратат државните долгови.

2 декември 2025 - 12:06