Семејна букбокс читанка

„НАЈВАЖНАТА ИГРА“ од Илина Јакимовска (цртежи Иван Ј.)

Иван Јакимовски е млад уметник од скопско Тафталиџе. Сабајлево беше виден како јаде лепче со крем-сир, дур по сто и први пат гледа еден ист цртан на Cartoon Network. Сака да прави експерименти - шлајмови од лепливи материи и чудни конструкции од Лего коцки (како ова фризби на насловната).

Не сака да оди многу во школо, ама затоа во парк со друштвото растура. Најголемо достигнување во неговата уметничка кариера засега се цртежите во книгата „Најважната игра", која ја има напишано неговата мајка, Илина. Во неа мама ја има нацртано на престол, ама всушност вистинскиот цар е самиот тој.

Без многу-многу објаснувања, еве делови од книгата - мои песни и цртежи на Иван, кои ги собиравме од времето кога тој имаше четири години. Сега има шест, па тоа значи и не беше толку одамна. Насловите на цртежите си ги даваше сам. Ако ви се допадне, ја има по книжарници.

Промоцијата помина камерно, со мавање пињата во облик на книгата од која паѓаа бонбони. Тоа - мавањето по книга со стап - можеме да го сметаме и како ригорозна книжевна критика, и го препорачуваме како показна вежба и за сите идни изданија на македонски автори. Сепак се надеваме дека оваа ќе ви се допадне.

(„Змеј, со оган")

SEARCH TIPS

Иван еднаш пребаруваше на Гугл
сликички од змејови,
и се му излегуваа некои
што не ги бендисуваше.

На крај во пребарувачот напиша:
"Dragon images,
and no stupid images!".

Можеби токму такви, прецизни
треба да бидат и нашите молитви,
за да бидат услишани:

„И дај ни го лебот наш насушен,
ама немој со адитиви".

ПЕДИГРИ ПАЛ

Како кутре ти се пикам под мишка.
Во длапката е топло,
и мириса на тебе.

Првин нежно, потоа остро
се обидуваш да ме поместиш.

Толку цвилам што боли,
а ти не сакаш да те обвинат
за малтретирање животни.

Полека се пробивам до скутот,
претпазливо ти го бакнувам вратот,
а ти ме чешкаш зад ушите.

Да се договориме:
ќе ти кажувам каде ги закопувам коските,
ќе седнувам на заповед,
нема да се тресам после бањање,
ќе ти ги носам влечките.

Ќе се правам дека спијам
кога носиш дома девојки,
ќе лаам, ама нема да касам
и ќе кажувам за мочање.

Дил:

јас тебе верна ко пес,
ти мене -
најдобриот песји пријател.

(„Среќен октопод")


ШУБЕ

Кога велиш дека ги сакаш
не знаат што да кажат,
се чувствуваат обврзани,
незгодно им е.

А тебе пак ти е шубе
затоа што знаеш –
приликите се бројани.

Нешто ќе се случи:
ќе се исселат,
ќе те удри кола,
од немукает ќе се оддалечите,
а ти не си стигнал да ги известиш
колку ти е важно
вашето истовремено постоење.

Неискажаната љубов
е како грне златници
закопано под огниште.
Ако никој не знае дека е таму,
што ќе ти е?

Некој ти вели 'те сакам'
а ти црвенееш.
Стварно не е фер,
секогаш те фаќаат вака неспремен.

Следниот пат кога ќе ти дадат златник,
спреми ситни парички.  

(„Папагал со лоши очи")

НАЈВАЖНАТА ИГРА

Цело маало ечи
од неутешно мјаукање -
некое маче си ја вика мајката
или бара нешто да јаде.

Во ниедно време се потегнав
да го барам меѓу тараби,
црно-бело е
со големи, уплашени очи,
и кога му се приближувам бега.

Прв школски ден -
свеченоста на мигот го покрива стравот
дека милосрдниот допир на детството
полека преминува во силен стисок.
Некои деца се држат за скутот на мајките,
други изгледаат некако достоинствено,
подготвени да се фатат во костец
со она што уште не го разбираат,
но кое лебди врз школскиот двор како фантом.

Еве, поминаа неколку денови
и мачето веќе не се слуша.
Можеби некој го вдомил,
се навикнало на улицата, или го згазило кола.
Нема многу опции за малите суштества
кои се обидуваат да си го најдат патот.

Те гледам како го фаќаш за рака другарчето
и те местат во редот.
Поаѓаш без да се свртиш
додека срцето ми се стега –
толку си мал и ранлив,
а толку решителен во одот.

Ти посакувам да победиш во играта
која до сега никој не ја добил.

1. септември 2012

(„Мама на престол")

ТОЛКУ?

Ќе биде
како исклучен монитор,
детско игралиште под снег.
Празно филмско платно.

До вчера се играло,
се пишувало,
се сакало,
и одеднаш - штама.

Некој тука е жив,
но тоа не сум јас.
Залудно се будам.

На одјавната шпица
имиња, места и ликови:
„посебна благодарност на..",
финансирано од,
играа тие и тие.

Ова некако набрзина -
кога почна мајката,
кога заврши?
Ни пуканките
не ги изедовме.

Салата се испразни,

а јас уште чекам.

ПОСЛЕДНИТЕ ЗБОРОВИ

Легендата вели
дека кога кон Панчо Вила
биле испукани 40 куршуми,
тој бил свесен дека му дошол крајот
и дека некогаш ќе ги цитираат
неговите последни зборови.

Не можејќи да се сети
на ништо антологиско во моментот,
тој рекол:
„Кажете им дека нешто кажав".

Тоа ќе бидат последните зборови
и на сите нас кои се обидуваме
нешто да кажеме, пишувајќи.

Издавач: Табахон, јуни 2013

28 јуни 2013 - 00:00