Почина Џејмс Вотсон - генијот што ја дешифрираше ДНК, но не и сопствените заблуди

На 97 години почина човекот кој заедно со Френсис Кирк на светот му го открија кодот кој ги гради и ги одржува живите суштества. Но генијалноста во науката понекогаш оди рака под рака со контроверзност на други полиња. Во случајот на Вотсон тоа ќе остане вградено во неговата социјална ДНК уште долго време по смртта. 

(фото: ЕpaImages)

Смртта на биологот Џејмс Вотсон на 97-годишна возраст се толкува како симболичен крај на една ера во биологијата, која била толку револуционерна што ја нарекувале „осмиот ден на Создавањето“. Вотсон, кој со Френсис Крик ја откри структурата на ДНК во 1953 година, беше една од највлијателните фигури на 20 век. Неговото откритие на двојната спирала стана темел на современата генетика и на самото разбирање на животот. 

Но, последните децении од животот му беа обележани со контроверзии. Како што пишувавме во „Научникот кој го продаде својот Нобел“ уште во 2014, славниот молекуларен биолог, генетичар и зоолог во еден момент од својата кариера како да „откачил“. Во 2007, на неговата распродадена британска турнеја за тогаш новата книга со супер наслов „Одбегнување досадни луѓе: лекции од животот" тој меѓу другото изјавувал дека црнците не се толку паметни како белците, и дека е инхерентно тажен за иднината на Африка, затоа што „сите наши (=белечки) социјални политики се базирани на фактот дека нивната интелигенција е иста како нашата, а не е."

Неговите јавни изјави за расата, интелигенцијата и жените – во кои имплицираше дека Африканците имаат пониска интелигенција, а жените помал капацитет за врвни научни достигнувања – предизвикаа огромна осуда и доведоа до негово исклучување од академските кругови. Иако пријателите се обидувале да го оправдаат како „провокатор“ или како личност која премногу верувала во својата интуиција, неговиот углед беше неповратно нарушен. Вотсон потоа се извинуваше, ама во стилот на „Не требаше да кажам дека црнците имаат низок ај-кју, затоа што тоа не се кажува така“.

Уште една контроверза којашто го следеше цел живот е што никогаш не и' оддал признание на Розалинд Франклин, хемичарката којашто исто така работела на ДНК во истото време и вршела клучни истражувања без кои тој и Кирк потешко или воопшто не би го откриле двојниот Хеликс. Во својот мемоар „Двојниот хеликс“ ја нарекува Франлин „Роузи“ и ја оговара за тоа како се облекувала и шминкала.

Вотсон, кој цел живот ја славеше моќта на интуицијата и непокорноста кон научниот естаблишмент, на крај остана заробен во сопственото убедување дека е во право. Наместо да се повлече, продолжи да ги брани своите ставови, дури и кога тоа значеше целосна изолација. Како што забележал еден негов поранешен колега, „тој ја создаде модерната биологија, но не знаеше кога треба да се тргне од сцената“. Историјата сега ќе го памети како човек чиј гениј ја промени науката, но чие его ја замагли неговата човечност.

8 ноември 2025 - 11:09