Никој не се сомнева во неговите научни достигнувања. Но Џејмс Вотсон (86), молекуларен биолог, генетичар и зоолог, во еден момент од неговата кариера како малку да откачил. Во 2007, на неговата распродадена британска турнеја за тогаш новата книга со супер наслов „Одбегнување досадни луѓе: лекции од животот" тој меѓу другото изјавувал дека црнците не се толку паметни како белците, и дека е инхерентно тажен за иднината на Африка, затоа што „сите наши (=белечки) социјални политики се базирани на фактот дека нивната интелигенција е иста како нашата, а не е."
Нормално, следеше лавина од реакции, меѓу другото и од организаторите на неговите промоции. Научниот музеј во Лондон го откажа неговото гостување бидејќи ставовите му биле „вон секоја граница на прифатлива дебата", а истото го сторија и неколку Универзитети. На крај наместо да има блескава турнеја и голем број продадени книги, Вотсон мораше со подвиткана ДНК да се врати со првиот авион дома, во Америка. (целата приказна од тогашен број на Тајмс тука)
Вотсон потоа се извинуваше, ама и извинувањата не му беа нешто сјајни, бидејќи инсистираше дека „не е расист на конвенционалниот начин" и дека „не требало да каже дека црнците имаат низок IQ, затоа што тоа не се кажува така".
Во чин кој може да се толкува и како финансиски очај, но и како крајно самосожалување, сега Вотсон си го продава медаљонот кој е во склоп на нобеловата награда. Проценките се дека може да добие околу 3,5 милиони долари. Јавноста се чуди, а тој објаснува - по јавниот линч тој станал „неличност", која никој не сака да признае дека постои. На овој начин изгледа дека тој ѝ се потсмева на таа иста јавност која го награди, и институциите кои му биле домаќини (некои од нив веќе не сакаа да работи кај нив, но сепак му овозможија титула на почесен советник).
Меѓу другите негови гревови се спомнува и фактот дека и покрај тоа што тој наградата ја подели со неговиот колега Францис Кирк, тој никогаш не ја спомнал Розалинд Франклин, хемичарка која исто така работела на ДНК во тоа време, и вршела клучни истражувања на рентгенски снимки без кои двајцата колеги многу потешко или воопшто не би го откриле двојниот хеликс. Во книгата на Вотсон со истото име, „Двојниот хеликс", која е негов мемоар, тој ја нарекува Франклин „Роузи" (инаку никој не ја викал така), ја оговара како се облекувала и шминката, и тотално неправедно ја нарекува „уште една професорска асистентка".
Кога предавал на Харвард велеле дека е „арогантен дури и за харвардски професор", а негов колега од 1950-тите го нарекувал „Калигула на биологијата", кој смета дека бидејќи е гениј може да каже што сака и како сака. На пример дека дебелите луѓе си се самите виновни што никој не сака да ги вработи, или дека постои научна врска помеѓу либидото и сонцето, па затоа најдобрите љубовници се латино.
По малку е утешно што Нобеловата се доделува за истражување, а не за нечиј лик. Па сепак, тешко е приватниот лик на научникот да се оддели од неговата јавна работа, особено ако ви е современик, и ако самиот си го бара.