Во текст кој се однесува на невролошката подлога на мрзливоста објавен во Гардијан, наведен е еден интересен пример за врската помеѓу мозокот и однесување кое го толкуваме како „жива мрза“. Младиот Дејвид бил успешен работник кој без видлива причина ја изгубил желбата за работа и за социјални контакти. Тој престанал да вложува напор, бил отпуштен, но тоа воопшто не го вознемирило. Дури ни не се потрудил да се пријави во бирото за вработување. Пријателите го примиле кај себе, но и таму тој ништо не правел доколку не му се побарало експлицитно. Сепак, не бил депресивен – бил дури и добро расположен.
По испитувањата се открило дека имал две мали мозочни удари, во региите наречени базални ганглии – области клучни за покренување на однесување и донесување одлуки. Кога тие не функционираат, човек може да изведе акција ако го замолите, но сам речиси и да нема иницијатива, бидејќи не чувствува дека напорот вреди.
Кај дел од овие пациенти, лекови што го зголемуваат допаминот ја враќаат мотивацијата. Иако некогаш се сметало дека допаминот е „супстанца на задоволството“, денес се знае дека неговата главна улога е да создава „желба“ – да нè поттикнува да бараме награди. Кај Дејвид, ваков лек ја вратил мотивацијата: нашол нова работа, почнал да живее самостојно и започнал врска – нешто што претходно не би го ни направил.
Истражувањата со здрави луѓе покажуваат дека мозокот на оние што се повеќе апатични работи „потешко“ кога треба да процени дали некој напор се исплати. Во студија со студенти, апатичните учесници побавно одлучувале дали да вложат одреден напор за мала награда. Мотивираните брзо пресудувале; апатичните премногу размислувале, а самото размислување им било непријатно. Затоа тие често одбегнувале да донесат одлука, и по автоматизам велеле „не“.
Кога станува збор за луѓе кои околината ги смета за „мрзливи“, прекорувањето не помага. Истражувачите препорачуваат техники кои го намалуваат товарот на одлучување: планирање активности однапред за целиот ден или недела, вклучување значајни активности што носат чувство на успех или задоволство, и на тој начин зголемување на вредноста на наградата во нивниот ум. Физичката активност – како брзо одење, танц или аеробик – може да ја подобри мотивацијата преку допаминскиот систем. Корисни се и надворешни потсетници, како аларми или визуелни сигнали кои поттикнуваат акција.
Целта на ваквите пристапи е да се работи „во согласност со мозокот“, намалувајќи ја менталната цена на напорот. Кога проценувањето на напор и награда станува навика, не е толку тешко да се каже „да“, дури и кај најапатичните.