Геста Енгзел на почетокот на филмот „Шведска врска“ изгледа како стереотипен бирократ - залижани остатоци од коса, тенок мустаќ, пиц-пец изглед (дури и лептир-машна за секојдневна употреба) и поглед кој оддава постојана воздржаност. Но тоа некаде во првата третина на филмот се менува, главно под влијание на помлада и бестрашна нова колешка во неговиот инаку опскурен оддел за имиграција. Историските околности при крајот на 1930-тите се менуваат и одеднаш токму Енгзел и неговите колеги стануваат клучни за судбината на илјадници Евреи низ Европа во текот на Втората светска војна. Иако Шведска формално била неутрална, тие решаваа да направат сè што е во нивна моќ за да отворат легален канал за нивно спасување – преку визи, правни толкувања и административни решенија.
Филмот нуди драматизирана, но во голема мера историски заснована верзија на работата на Енгзел. Роден е во 1897 година во Халмстад. Дипломирал право во Стокхолм во 1919 година и постепено напредувал во судството и државната администрација. Во 1938 година станал директор и раководител на спомнатиот оддел во Министерството за надворешни работи, каде што бил надлежен за визи и имиграција. Со почетокот на војната, прашањето за еврејските бегалци станало сè поитно, но пресвртна точка за него била средбата во 1942 година со латвискиот бегалец Гилел Шторх, кој го информирал за размерите на прогоните.
Иако Шведска била под притисок и страв од германска окупација, Енгзел почнал пофлексибилно да ги толкува законите. Прво се фокусирал на лица со некаква врска со Шведска, олеснувајќи им го процесот на добивање визи. Издавал шведски пасоши и на дански Евреи родени во Шведска, како и на нивните семејства. Подоцна слични напори биле насочени и кон Норвешка. Иако ваквата нарација делува (како што и треба да делува) многу сериозно, филмот на моменти има и хумористична атмосфера, „мали победи“ од спунт на човекот наспроти Системот.
Многу важна била неговата соработка со шведски дипломати, стационирани во Будимпешта, кои постојано вршеле притисок и испраќале информации за состојбата на Евреите. Клучен момент се случил во 1943 година, кога нацистичките власти најавиле депортација на околу 8.000 дански Евреи во логори. На 2 октомври 1943 година шведската влада објавила дека е подготвена да ги прифати сите дански Евреи.
По оваа одлука, илјадници луѓе почнале да бегаат, најчесто по море. Шведски рибари пренеле околу 7.200 Евреи преку теснецот Ересунд од Данска во Шведска. Се смета дека Енгзел и неговиот тим директно или индиректно придонеле за спасување на 30.000-40.000 луѓе.
По војната, Енгзел продолжил дипломатска кариера – бил пратеник во Полска и Финска, а во 1954 година станал амбасадор. Починал во 1997 година на 100-годишна возраст. Денес се смета за еден од тивките херои на Втората светска војна – човек кој, одвнатре во системот, успеал преку правото и администрацијата да спаси десетици илјади животи.
Илина, Букбокс