"Тоа е тема околу која ние имаме длабоки разлики. И во својата книга и во последната дебата, таа (Хилари Клинтон) зборуваше за благословот и менторството кое го добива од Хенри Кисинџер. Јас од тој човек не би примал совети. Тоа е еден од најдеструктивните државни секретари во историјата на нашата држава", рече Берни Сандерс во Милвоки.
А не да е така, туку Сандерс не може да биде повеќе во право.
Фактот дека Хенри Кисинџер е добитник на Нобелова награда за мир (Ганди никогаш не ја доби таа чест) останува најтемната дамка на вредносниот систем на она што се вика Запад.
Историчарот Грег Грандин од Универзитетот Њујорк пресметал дека политиките кои ги креирал и водел Кисинџер имаат најмалку 4.124.000 цивилни жрти и уште неколку пати повеќе ранети и расселени. Во овој крвав скор не се пресметани жртвите во Лаос, Аргентина, Уругвај, Средниот исток и Персискиот залив (за кои формално одговараат стратешки избраните партнери на Кисинџер). А тука се и жртвите во Виетнам, војна која тој заедно со Никсон ја пролонгираа цели 5 години саботирајќи ги мировните преговори во 1968. За на крај да добие Нобел токму за неговата улога во виетнамските мировни преговори.
Грандин детално ја мапира вклученоста на Кисинџер во геноцидите и масакрите во Камбоџа, Ангола, Мозамбик, Родезија (денес Зимбабве), Јужна Африка, Источен Пакистан (денес Бангладеш), Источен Тимор, Гватемала и други места.
Уште неколку од неговите дебело документирани придонеси за светскиот мир:
- Во 70-тите години Кисинџер се среќава со Нацисти и им нуди помош да ја срушат левичарската влада во Западна Германија.
- Кога Црвените Кмери прават геноцид во 1975-та, Кисинџер вели: "Ние сме подготвени да ги подобриме односите со нив. Тие се убијци и бандити но нема да дозволиме тоа да ни застане на пат."
- Редовно помага крајно десничарски и диктаторски режими во Латинска Америка за да не дозволи "Црвените" да се приближат до САД.
- Креатор е на стратегијата "Операција Кондор" која подразбира систематски државен тероризам против левичарски струи.
- Креатор е на стратегијата "Madman" во американската војна во Виетнам која тежи најмалку 3 милиони животи. Стратегијата се заснова на тоа да се убеди непријателот дека си има работа со луди луѓе кои нема да се колебаат да употребат и атомска бомба.
- Преку ЦИА го руши демократски избраниот социјалист Салвадор Аљенде и во Чиле го инсталира диктаторот Аугусто Пиноче. Уште од победата на Аљенде, тој и Никсон нарачуваат "чилеанскaта економија да пишти".
"Ова е толку важно прашање што не можеме да им го оставиме на гласачите во Чиле сами да го решаваат" -Хенри Кисинџер.
Во книгата "Процесот против Кисинџер", Кристофер Хиченс вака ги сумирa обвиненијата против злотворот:
1. Намерни масовни убиства во Индокина.
2. Злосторничко здружување за масовни убиства и атентати во Бангладеш.
3. Лично учество во планирање убиства на високи државни функционери во Чиле, земја со која САД не е во војна.
4. Лична вмешаност во плановите за убиство на шефот на државата на демократски Кипар.
5. Провоцирање и овозможување на геноцидот во Источен Тимор.
6. Лична инволвираност во планови за киднапирање и убиство на новинар во Вашингтон.
"Оваквог си човека нашла да фалсификујеш!" - би ѝ свикал некој Топаловиќ на Хилари Клинтон. А таа упорно се повикува на Кисинџер, надевајќи се дека неговото име ќе фрли дополнителна тежина врз нејзината 'државничка мудрост'.
Надворешната политика е тема во која заради искуството и контактите, Клинтон се смета за супериорна во однос на нејзините противкандидати. Но токму дистанцирањето на Сандерс од крвавото и деструктивно портфолио на Хенри Кисинџер го прави покомпетентен и помудар и во оваа област.