Како што започнува зимата во Украина, Русија ги засили нападите врз енергетската инфраструктура користејќи го хиперсоничниот проектил Kh-47M2 „кинжал“ (на руски: кама, бодеж).
Украина има само еден систем за противвоздушна одбрана способен да пресретне хиперсонични проектили – Патриот, кој до добија од САД. Но, исто како што и Русите се воздржуваат да ги пукаат своите скапи проектили од по десетина милиони долари, и Украинците тактизираат со одбраната за да заштедат муниција.
Во противвоздушната одбрана е вклучен тимот за електронско војување „Ноќна стража“, кој наоѓа алтернативни начини за одбрана од „кинжали“. Овие софистицирани проектили се насочуваат кон целта преку постојана комуникација со сателити од системот GLONASS, руска навигациска мрежа во стилот на GPS. Противоружје на Ноќната стража е системот Lima EW, кој генерира поле што спречува контакт со сателити. Освен емитувањето радио-шумови кон непријателската муниција и авионите, Лима испраќа и дигитални сигнали со кои ги „хакира“ уредите за комуникација за да ги исфрли од предвидената траекторија.
Тактиката била усовршена откако на остатоци од соборени кинжали биле откриени вградени активни антени CRPA, наменети да спречуваат блокирање на комуникацијата. Русите користеле ист тип на приемници како во старите советски ракети, тврдат украински офицери.

Ова ѝ овозможило на Ноќната стража да собори 19 руски проектили „Кинжал“ во рок од само две недели. Навигацијата може да ја попречат со секој дигитален шум.
„Ние едноставно испраќаме песна. Ја претвораме во бинарен код од 1 и 0 и ја насочуваме кон рускиот навигациски систем. Како зајадлива шега ја пуштаме „Нашиот татко е Бандера“, велат од Ноќната стража.
Степан Бандера е озголасениот водач на радикална про-нацистичка украинска паравоена група што прогласи украинска држава за време на германската инвазија врз Советскиот Сојуз на почетокот на Втората светска војна. Путин постојано го спомнува Бандера кога говори за нацизмот во Украина.
Дигиталниот сигнал го збунува навигацискиот систем на проектилот, кој добива информација дека е во Перу.

При хиперсонична брзина од околу 6.000 километри на час, секое мало ненадејно отстапување од насоката придонесува „кинжал“ да ја промаши целта. Металната рамка не може да го издржи стресот и проектилот откажува. Се распарчува на два дела. Брзината, најголемата предност на овие проектили, е употребена против нив.