Главниот град на Иран е под постојани рестрикции на вода а половина од земјата нема видено ни капка цело лето. Ова ги натера Иранците да се потсетат колку мудри биле зборови на Дариј Први Велики, врежани во камен уште пред повеќе од 2.500 години:
„Господе, спаси ја оваа земја од непријатели, од суша и од лаги.“
Техеран има околу 8,8 милиони жители во самиот град и приближно 15–16 милиони во пошироката градска област. На тие луѓе, заради суровиот недостаток на вода, сега им се заканува и делумна евакуација.
Проблемот не им падна само од небо.
Тој е резултат на децении прекумерно пумпање вода, повеќе отколку што природата може да компензира, пишува иранскиот еколог, научник и активист Кавех Мадани за Форбс. Иран е казнет за прекумерна потрошувачка и пресушување на подземните води што некогаш служеле како стратешки резерват.
Тоа отсекогаш била релативно сува земја, но денес губат околу 16 кубни километри вода годишно. Еден кубен километар е околу милијарда тони вода. Тоа значи дека на секои три години Иран губи вода колку едно Охридско езеро.
Неколкумина експерти со децении предупредувале за претстојната катастрофа, пишува „Форин полиси“, но нивните гласови биле маргинализирани и замолчувани.
Бидејќи бунарите пресушија, а фармите пропаднаа, милиони луѓе се преселија во периферијата на Техеран. Градот расте, додека водоводната инфраструктура останува застарена и дотраена, а голем дел од водата се губи при пренос. Според неофицијалните проценки што ги цитира ФП, до 35 проценти од водата во Техеран се губи поради протекување на цевките. Побогатите згради имаат резервоари на покривот и пумпи за вода а за другите, дури и кога нема официјална рестрикција, чешмите се празни.
Пред две недели, неопходните резерви на вода во главниот град паднале на само пет проценти.
