* текстот е преземен од сајтот mkd.mk
Одам синоќа на протест, нели, ќе рушиме влада, ова што се случува е страшно, веќе не се трпи, имаме зло за искоренување. Стигам пред влада, ден трети - кордон цајкани, застанале и ме гледаат ко да сум згазила дете на пешачки и не даваат барокот пак да им се прави Пикасо.
Океј, втора мајка, идеме пред Обвинителство. Јас во цел мој живот немам изодено ни вкупно километар пешки - ама злото не се искоренува легнат, па ќе одам (а можда од толку реклами и некако потајно сум станала дел од кампањата на владата за здрави навики, не знам).
Цапам по баричките пред Археолошки музеј, нозете мокри, фармерките со кал, ама на партизаните лесно ли им било? Ако можеле тие, можам и јас!
Кога - и таму цајкани! Застанале ко да им шверцаме дрога пред нос и не нè пуштаат ни кај Обвинителство! (Еден дечко со мегафон убаво им рече - по член тој и тој од Уставот вие мора да нè пуштите на тротоарот затоа што тоа е јавен простор и ова што го правите е противуставно!)
Цајканиве ни да трепнат. Изгледа Гоца фино ги изрибала на Денот на полицијата - тој што нема да трепне, па и „гили-гили" да му прават, добива наградно 2 саати да тепа деца во читалната во „Браќа Миладиновци".
Идеме на трета среќа - пред Собрание... Веќе чувствував како вените вџашено ми протестираат, а стапалата ми спремаат штрајк, ама државата е во прашање, ова зло мора да се искорени и никогаш повеќе да не се повтори. Ако можеле партизаните да качуваат планини - можам и јас да се пробивам меѓу споменици.
Стоев три саати пред Собрание, викав Уа и сè по список, се видов со драги луѓе што не сум ги видела со години, разменивме мислења за настанатата ситуација и на крај си отидов дома, со потечени нозе, мртва уморна, ама со убаво чувство дека барем малку сум придонела да се искорени злото.
Уморна, ама уште гневна, седнав на интернет да се сплотам и со оној другиот народ, интернетскиот, да викам уште малце „Доле влада" и „Уа" заедно со некој истомисленик, исто мртов уморен како мене и бесен што не му дале да стапне на негов тротоар или булевар, да се ужасувам заедно со сите што полицијата тепа народ и новинари, што се криеле факти за несреќата на еден новинар и за сето она што досега го објави опозицијата, кое сите ние и досега го знаевме, ама ја немавме Гоца да ни го прераскаже со свои зборови.
И гледам - тема на денот: Трендо.
Чекај - Трендо???
По сето тоа што беше објавено, никој ни да бекне за Младенов, за владата, за кордоните цајкани, за ускратениот булевар, никој да се пожали на уморни нозе, на болки во кичма и слично... Сите брмчат за Трендо, човече. Трендо ваков, Трендо онаков, Трендо бил ангажиран, Трендо бил ова-она. Па дури и Петре Шилегов се занимава со Трендо, на Фејсбук напишал: „Баш е OFF да си Тренд(о)..."
А што беше поводот? Иво ѝ рекол на Гоца „Го ангажирав Трендо да му пише СМС..."
Трендо, кој на сите нас бар еднаш во животот ни го има направено истото, или па ние тоа со него сме им го правеле на други.
Па кутриот Котевче ќе ги употреби сите шмукачко-вовлекувачки методи за да ѝ стане помалку немил на шефицата, да ја орасположи во пауза меѓу оние сурови „Кажи Иво!" (аман више од тебе!) и со некоја шега да пополни некоја празнина во нејзините брборења, кикотења и оговарања. А кој е по шегите? Трендо. Трендо е јавна фаца, па уште ако убацам и едно „го ангажирав", оп, ете ми 10 поени кај Гоца!
И народов во делириум: ете, се потврди тоа во што се сомневавме!
Да, се потврди. Со Трендо животот е повесел. И?
За Младенов ни зуц! За тоа дека цајканите нè третираат ко руља - ни збор. На интернет нема ни уморна нога, ни најмал бодеж во кичма од стоење пред Собрание.
Трендо ли е злото што треба да го искорениме и што не треба да се повтори?
Не е. Е па? Остајте го Трендо на раат да си ги ремети другарите (или што и да му прави ќеф) и прекинете да нè делите на наши и нивни, комуњари и вмровци и други глупи црно-бели квалификации. Нит сме ваши, нит сме нивни - свои сме.
Седете си дома и ќутете си или со свирче во уста и парола во рака дојдете пред Влада (или Јавно обвинителство или Собрание, или каде и да нè протераат).
Сакате да ја смениме државава? Почнете од сопствената малограѓанштина.