
На Вембли пред некоја недела, јас и уште 90.000 други ѝ се препуштивме на една од најсмртоносните емоции. Емоција толку наводно летална што цели книги се посветени на нејзино истражување и размонтирање. Некои ја нарекуваат „тапа болка“ на човештвото, други ја викаат „токсична“, трети отворено ја прогласуваат за опасна.
Сепак бевме таму, десетици и десетици илјади, море од лијам-капи и пива, грлата нè болеа од рикање, се гушкавме со комплетни странци, сите заробени во радосниот стисок на најголемото табу меѓу чувствата: носталгијата.
Беше тоа свирка на Оезис. Секако дека беше на Оезис. Од сите страни на Лондон и од многу подалеку, се собравме за да се покориме на лудилото на ова лето. Тешко е да се замисли кој било скорешен културен феномен толку голем, див и исполнет со горчливо-слатки чувства како „Летото на Оезис“. Понекогаш наликуваше на Битлманија. Само што овој пат емотивната бучава не доаѓаше од девојки кои хистерично врескаат, туку од мажи и жени на одредена возраст кои се налеваат со топли и прескапи пива.
Го исчекувавме тоа цела година, откако лани во август Ноел и Лијам објавија дека повторно се заедно. И не разочараа. Концертот беше брилијантен. Сите оние пет ѕвезди во критиките што можеа да се прочитаат беа точни.
Свиреа една по друга од нивните најјаки, повеќето од нив од оној зачудувачки период од август 1994 до октомври 1995 година кога ги издадоа Definitely Maybe и What’s the Story (Morning Glory)?. Во тоа време тие албуми ги земавме здраво за готово, но не мина долго откако сфативме дека овие двајца 20 годишни чаламџии од манчестерско-ирската работничката класа ѝ подарија на Британија песни што ќе станат химни на нашите животи и репери во Големата британска песнарка.
Но, имаше и нешто друго на Вембли. Всушност, главното шоу. Публиката. Се чувствуваше како радосен рик на заборавен народ. Тука беа работни мажи и жени кои се враќаа на своето заслужено место во британската култура. Долго време откако поп-музиката ја освоија двоцевки кои менталното растројство го сметаат за идентитетско прашање, долго време заобиколувани од политичка класа многу повеќе загрижена за малцинствата, родово флуидните и шминкерските левичари кои се претставуваат како жртви.
На овие концерти на Оезис, конечно повторно се собираат „обичните Британци“. Бунт на носталгија за времето кога музиката беше добра и тие беа почитувани. Тоа е она што го почувствував на Вембли: заглушувачката потврда на нормалноста, измешана со дрскост што само Оезис може да ја разбуди.
Без палестински знамиња. Без транс знамиња. Без помпезни лаги како трансжените се жени. Без глупости за климатските промени. Како што Ноел еднаш ги советуваше бендовите кои врдат: „Отсвирете ги вашите ебени песни и мафнете се од таму“. На никој не му беше гајле од која „раса“ сте или кои се вашите лични заменки. Сè што беше важно во оваа електрична, весела толпа беше тоа што имавте капа како Лијам, пиво и издржливост. Се чувствуваше тоа како слободна зона, неуправувана од удав стандардите на нашата блуткава и кукавна владејачка класа.
Беше, да бидеме искрени, величествено.
„Летото на Оезис“ е одмазда на нормалните луѓе. На вистински нормалните луѓе. Во време кога „Kултурата“ е целосно освоена од анксиозности и измислени угнетувања на горните средни класи, ете го - веќе не толку тивко - разумното мнозинство. Луѓе за кои ретко слушаме затоа што не се доволно егзотични за медиумските елити опседнати со дрег- кралици, тажни приказни за „исламофобија“ и кретени кои мислат дека претрпеле системско угнетување затоа што на Оксфорд немало посебно одделение за родови квир демисексуалци како нив.
Гледајќи ја развеселената толпа, помислив колку е ретко да се видат „вакви луѓе“. Нив веќе ги нема во телевизиските реклами. Можеби ќе добијат само споредна улога како хулиган или сомнителен сопруг во некоја драма.
И глеј сега, „ваквите луѓе“ сепак ги има- стотици илјади низ целата земја, оживувајќи го времето кога можеше да бидеш работничка класа и рок-ѕвезда, или само работничка класа па сепак да бидеш третиран достојно и со почит.
Тоа беше пред само 30 години а се чинат како милион. Да, тоа е носталгија. И да, носталгијата е големото забрането чувство во 21 век. Нашите крути владетели ја мразат оваа емоција повеќе од сите други. Големaта ЕУ - фаца, Мишел Барние, го опиша Брегзит како „носталгија за минатото“ (не е тоа тавталогија?). Трамп често е обвинуван за разгорување копнеж меѓу белците по поедноставните времиња на сегрегацијата. А тој всушност, привлече работници од сите „раси“, носталгични по времето кога имаа добро платени работни места и нивните деца не беа во раце на наставнички со резеда коса кои ги учат дека постојат 72 рода.
Постои нешто дискретно револуционерно во носталгијата во ера кога ни е наложено да се чувствуваме оддалечено, па дури и презриво кон нашите сопствени колективни и лични истории. Се разбира, не мислев на ништо од тоа додека илјадници од нас им помагавме на Оезис да го затворат шоуто пеејќи низ солзи: „Someday you will find me / Caught beneath the landslide…’“ Но, сега размислувам за тоа.