Јапонци на строг пост за смартфони

Властите на јапонскиот град Тојоаке ги повикаа сите корисници на смартфони да го ограничат на два часа времето што го поминуваат пред ептен малите екрани, откако ќе им завршат секојдневните работни обврски или наставата за учениците. Мерката не е обврзувачка и не се предвидени казни за прекршителите. Младите Јапонци реагираат дека денес тоа е невозможно да се спроведе.

Цел на предлогот е да се спречи прекумерна употреба на уреди што предизвикуваат проблеми со физичкото и менталното здравје, вклучувајќи и проблеми со спиењето, изјави градоначалникот на Тојоаке, Масафуми Коки, објаснувајќи ја мерката.

Предлог законот ќе биде ставен на гласање идната недела и, ако биде усвоен, ќе се спроведува од октомври.

Освен временското ограничување од два часа, учениците од основно училиште се повикани да не користат паметни телефони по 21 часот. „Повечерјето“ учениците од повисоките одделенија е 22 часот.

Младите ја отфрлаат забраната, за која тврдат дека е нереална за денешниот начин на живот.

„Ја разбирам нивната намера, но ограничувањето од два часа е невозможно“, напиша еден корисник на X. „За два часа, не можам ниту да прочитам книга ниту да гледам филм на смартфонот, напиша друг.

Други забележуваат дека користењето смартфони во слободно време, особено од страна на децата, треба да биде одлука на семејствата.

Во 2020 година, Владата на префектурата Кагава издаде прва одредба од ваков вид со која се бара децата да бидат ограничени на еден час дневно играње игри во текот на неделата и 90 минути за време на училишните распусти.

Во просек, младите Јапонци поминуваат малку повеќе од пет часа дневно онлајн во текот на работните денови, според анкета од Агенцијата за деца и семејства објавена во март.

23 август 2025 - 12:38