Роџер Вотерс ѝ одговори на Олена Зеленска

Хрушчов и Кенеди со компромис ја решија опасната кубанска ракетна криза. Преговараа, направија компромиси, завршија работа. Денес Бајден воинствено сака да го сруши од власт Путин, а западните медиуми ја охрабруваат јавноста да поддржува ескалација на војната. Така ли ќе се дојде до мир?

Олена Зеленска на 5 септември напиша:

Русија е таа што ја нападна Украина, таа што уништува градови и убива цивили.

Ако ние дигнеме раце, утре нема да нè има.

Ако Русија дигне раце, војната ќе биде завршена.

******************************

Почитувана г-ѓа Зеленска,

Извинете за задоцнетиов одговор на вашата твитер реплика на моето отворено писмо. Среде северноамериканска турнеја сум. Признавам дека никогаш не сонував дека ќе ми одговорите лично. Почестен сум, ви благодарам.

Сфаќам за што зборувате, но сигурен сум дека „да дигнеме раце“ не е опција што ја разгледува ниедна страна. Чувствувам дека по малку ве запознавам, гледам дека како и јас, и вие сте школувана како архитект. Тоа е добро затоа што сите треба веднаш да се фокусираме на изградба на нешто, а тоа нешто е мир во вашата земја.

Мирот во Украина е она за што гласаше огромното мнозинство од народот на Украина кога го избраа вашиот сопруг за претседател. И тоа мнозинство очекуваше тој да го искористи својот мандат за да преговара за решение меѓу Украина и Руската Федерација што ќе ги задоволи безбедносните потреби на двете нации и ќе обезбеди кредибилна алтернатива на оваа катастрофална војна. Верувам дека дури и откако почнаа непријателствата, минатиот април, два месеци по војната, такво решение беше на маса. Тоа беше во Истанбул, нели? Што се случи?

Бевте толку блиску до прекин на огнот. Ми мирисаше дека Вашингтон се меша. Можеби грешам,  на според моето искуство, ако нешто смрди, тоа има врска со надворешната политика на Вашингтон.

Како и да е, бидна тоа. Она што јас го предлагам е дека единствениот разумен курс за сите страни (велам сите, а не двете страни, бидејќи е јасно дека ова е прокси војна во која се вклучени САД) треба да прифатат безусловен прекин на огнот и почеток на преговори.

Јас, Олена, ќе продолжам да тропам за мир, колку и да е тоа непопуларно во овие воинствени времиња. Мејнстрим медиумите на Запад се чини дека имаат намера да охрабрат јавна поддршка за ескалација на прокси војната меѓу САД и Руската Федерација која беснее во Украина, дури и по цена на нуклеарна опасност. Лелеј, колку неодговорно!

Во далечната 1962 година, имавме многу слична ситуација на Карибите. Се викаше кубанска ракетна криза. Цело човештво беше опасно блиску до истребување во нуклеарна војна, и сите го знаевме тоа. Таа криза настана затоа што САД, сосема со право, видоа егзистенцијална закана од нуклеарните ракети на СССР инсталирани на Куба.

Денес улогите се обратни, САД се тие што бараат преку НАТО да инсталираат нуклеарно оружје во Украина, токму на руската граница од која со камен можеш да фрлиш до Москва. Русија тоа го доживува како егзистенцијална закана. Украина денес е она што некогаш беше Куба.

Ја преживеавме кубанската ракетна криза во 1962 година, благодарејќи на две работи. Прво, претседателите на СССР и на САД, Никита Хрушчов и Џон Кенеди разговараа еден со друг, постојано, трезвено, учтиво, со почит, по телефон. Втората работа беше исто толку клучна и фасцинантна, но, барем на Запад, многу малку позната.

Тоа е приказна за еден руски херој.

Василиј Александрович Архипов беше советски поморски офицер што е заслужен што Советите не лансираа нукларна ракета за време на кризата, што ќе доведеше до глобална термонуклеарна војна. 

Како началник на штабот на флотилата и втор човек на дизел-подморницата Б-59, Архипов одби да го овласти капетанот и политичкиот офицер да употребат нуклеарни торпеда против американската морнарица, одлука за која била потребна согласност од сите тројца високи офицери. Дури по неговата смрт, Архипов беше признат како некој што го „спаси светот“. Василиј, во име на целиот човечки род, ти благодарам.

Во далечната 1962 година, двајцата претседатели ја решија кризата со компромиси. Хрушчов се согласи да ги отстрани руските ракети од Куба, а Кенеди се согласи да ги отстрани американските ракети од Турција. Преговараа, направија компромиси, завршија работа. Тоа се вика дипломатија. Што се случи со дипломатијата? Зошто Бајден не го прави тоа што е исправно и не разговара со Путин? Зошто Америка упорно одбива да ја сфати руската загриженост во однос на потенцијалната егзистенцијална закана од нуклеарно вооружена Украина што би била во НАТО, на прагот на Русија?

Иако јас и вие, г-ѓо Зеленска, сè уште се обидуваме да комуницираме за промовирање на мирот, додуша низ многу некорисната магла на едностраните пропаганди, секој ден трагично се губат сè повеќе украински и руски животи.

Апсолутно неразбирливо, претседателот на САД, јавно, со бурни и воинствени тонови, зборува за отстранување од власт на неговиот соперник во Русија. Што? Господине претседателе, светот не е униполарен стрип на Марвел. Што мислите? Силите што ви ги влечат конците и веројатно ви кажуваат што да кажете, имаат моќна ехо комора во сите мејнстрим медиуми, но и „ние луѓето“ имаме глас, и ќе продолжиме да го користиме, и покрај вашите напори да одите спротивно законите, да го игнорирате уставот и да задушите основни човекови права дури до степен на затворање новинари кои веруваат во слобода и демократија. Да, господине претседателе, за Џулијан Асанж зборувам.

Сè повеќе и повеќе забележуваме дека надворешната политика на САД, дефинирана пред 3 децении од Волфовиц и Каган, Кристол, Чејни, Рамсфелд и други неоконзервативци, сè повеќе личи на силеџија од школски двор.

„Прави како што ти викаме или ќе ти ги искршиме забите.“ Стварно?

Дали навистина мислите дека американската империја треба да започне војна со Русија? А потоа со Кина? Дали сте луди? „Ние луѓето“ не го сакаме тоа, бидејќи „ние, луѓето“ не сме луди. И рускиот и кинескиот народ не го сакаат тоа, бидејќи и тие не се луди, но богами ако започне војна, подобро сите да се подготвиме за крвави носеви. Колку што се сеќавам, рускиот народ не сакаше војна ни со Германците, па 26 милиони од нив загинаа раскрварувајќи им ги носевите на нацистите.

Зошто г-ѓо Зеленска не се обидете да го убедите вашиот сопруг да постапи на вистинскиот начин? „Ние, луѓето“ во САД ќе се обидеме тоа да го направиме со кутриот стар чичко Џо Бајден, рускиот народ тоа ќе проба да го направи со Владимир Путин, па можеби заедно, „ние, луѓето“ можеме да го спасиме светот од неизбежното уништување. Можеби можеме да ги спречиме да го жртвуваат овој наш прекрасен планетарен дом, на олтарот на нивното смртоносно униполарно војување.

Љубов,
Роџер Вотерс

 

 

16 септември 2022 - 14:12