САД го скратија мировниот план на 19 точки, поприфатливи за Киев

По инсистирање на украинските преговарачи, Американците го скратиле мировниот план од оригиналните 28 на само 19 точки, кои наводно се прифатливи за Киев. Деветте точки што излегувале надвор од „црвените линии“ на Украинците не се целосно исфрлени, туку се оставени „во загради“. За нив лично ќе преговараат претседателите Трамп и Зеленски.

Преговарачите заминаа од Женева без да наведат кои девет точки од планот се „замрзнати“, но се претпоставува дека се оние што бараат од Киев да ѝ ги предаде на Русија четирите територии врз кои воспостави контрола за време на војната, ограничувањата за украинската армија, општата амнестија, како и барањето Украина засекогаш да се откаже од членство во НАТО.

Заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Кислица изјави дека украинската делегација не добила мандат да донесува одлуки за отстапување територија, меѓу другото и поради уставната обврска за таквите прашања да се распишува референдум.

Немаше точка каде што Американците рекоа: „Нема да разговараме за тоа“. Внимателно ги разгледавме сите точки една по една. Речиси сè што предложивме беше прифатено. Останаа многу малку работи од оригиналната верзија. За останатото ќе бидат потребни лидерски одлуки, изјави Кислица.

Според него, Американците се согласиле да ја изменат точката од оригиналниот план во кој беше предвидено украинските сили да бидат преполовени на 600.000 војници по примирјето. Предлогот за општа амнестија за дела што се потенцијални воени злосторства е преработен на начин „да ги опфати жалбите на оние што страдаа во војната“, додаде украинскиот дипломат.

Со овој договор заврши првата рунда од преговорите во Женева и двете делегации се вратија дома. Процесот ќе го продолжат претседателите Доналд Трамп и Володимир Зеленски, кој до крајот на оваа недела ќе ја посети Белата куќа. И двајцата изразија оптимизам дека ќе постигнат договор.

Дали навистина е возможен голем напредок во мировните разговори помеѓу Русија и Украина? Не верувајте додека не видите, но можеби се случува нешто добро, објави Трамп.

Зеленски втора вечер по ред ѝ се обрати на нацијата со долга снимена порака.

По Женева, сега има помалку точки. Не се повеќе 28 и прифатени се многу правилни работи во рамката. Останува уште работа, многу тешка, за да го направиме конечниот договор, порача Зеленски.

Државниот секретар Марко Рубио ги оцени разговорите во Женева како „најпродуктивните и најсуштински досега во процесот“ и е убеден дека претседателите ќе ја усогласат конечната рамка.

Русија, која се уште официјално не е запознаена со скратениот американско-украински план, ја оцени оригиналната верзија од 28 точки како „добра основа што ќе мора да се разработи“.

Секретарот на армијата на САД, Ден Дрискол, синоќа пристигнал во Абу Даби на разговори со руски функцикнери. 

25 ноември 2025 - 08:15