Радио гласот на Мајкл Силверблат на прва делува како нешто да не е во ред со преносот или како човекот да преглумува. Изразито назалниот глас на неговите почетоци бил толкуван како тотално неподобен за радио-брановите. Па сепак, емисијата „Букворм“ се емитувала цели 33 години (од 1989-2022). Во Ексел таблицата со сите епизоди која некој се помачил да ја направи како гости ги има речиси сите големи живи американски (и други) автори.
Патот до радиото му бил необичен. По студиите, родениот њујорчанец работел како разнесувач на пошта, а кратко време и во филмската индустрија во Холивуд, како човек задолжен за развој на проекти. Се обидел и самиот да пишува, но сфатил дека неговата вистинска љубов е читањето и муабетењето со авторите за нивните дела. Опишуван како извонреден раскажувач, духовит лик, гениј, а според сопствените зборови „фантастично суштество како од Оз“, Силверблат стана трајна и влијателна фигура во книжевниот свет. Беше познат по своите прецизни и продлабочени читања, како и по тоа што темелно ги проучуваше целокупните опуси на своите гости, често пати правејќи паралели помеѓу нивните дела и оние на нивните колеги.
Поединечните епизоди траат само 30 минути, но се толку „густи“ што имате чувство дека поминал најмалку еден час. За среќа, со некои автори тој има зборувано повеќе пати, па на јутјуб може да се слушнат, монтирани едно по друго, дури пет негови интервјуа со Дејвид Фостер Волас.
Првиот дел е највпечатлив, и се однесува на култниот роман „Бескраен мајтап“ кој тукушто наполни 30 години. Односот помеѓу двајцата соговорници е трогателен, обајцата зборуваат тивко (и на сличен тон) и како меѓусебно да се тешат - во еден момент, откако Силеврблат прави своја анализа на книгата, ДФВ бара овој да го посвои! За вистинските сладокусци издвојуваме:
- Делот каде ДФВ ја објаснува структурата на романот со Tриаголникот (или фракталот) на Серпињски
- Кога зборуваат за комплексноста која крие убавина: „Читателот треба да биде подготвен да вложи напор НА НЕВРОЛОШКО НИВО“.
- За пишувањето есеи: „Кога некој релативно бистар и релативно просечен ќе посвети малку повеќе внимание на забележување на нештата околу себе“
- Кога Дејвид добива на време да го формулира одговорот со викање „чу-чу-чу“.
Воведната песна, „Ти си човечко животно“ е од Клубот на Мики Маус (1956).