Букбокс гледаше на Синедејс: „Месо“ (2024)

Убиство во село во кое има нелегална кланица. Звучи како одличен вовед во речиси исто толку добар филм за грчка семејна драма во која еден од главните ликови е момче-работник од Албанија. 

Такис е онаков татко каков што стереотипно би се очекувало една патријархална, рурална балканска средина. Неговиот син Павлос не ги исполнува неговите очекувања на наследник на семејниот бизнис - месарницата која се снабдува со свежи кременадли и ребра од нелегалната касапница која ја имаат направено во близина на селото. „Тајната“ за истата се одржува со подмачкување на локалните запчаници на власта, која знае и да ќути но и да се закани секогаш кога тоа е поисплатливо. 

Семејството практично има „посвоено“ момче од Албанија, Христос, кој има пораснато р'мбајќи во касапницата. Сакајќи или не тој е вовлечен во тензичните односи, кои вклучуваат и долгогодишен спор за имот помеѓу Такис и негов агресивен комшија, тукушто излезен од затвор. Кога комшијата еден ден ќе дојде да ги труе јагнињата, на лице место се само Павлос и Христос. Во момент не непресметливост, Павлос го убива и го убедува својот „брат“ да ги скријат трагите. Секако, ова трае многу кратко, бидејќи истрагата многу бргу го открива телото. 

Од тука натаму се нижат шаховски потези на семејството. Наместо Павлос конечно да добие шанса да преземе одговорност за што и да е во животот, тој повторно е заштитен. Но некој сепак ќе мора да ја преземе вината. И сето ова е донекаде предвидливо, но не и крајот кој покажува дека сценаристот и режисер Димитрис Накос е зрел автор, кому во овој филм единствено може да му се замери за одлуката речиси цело време да користи рачна камера. Ова на моменти можело да биде добра метафора за вртоглавоста и конфузноста на ситуацијата, но од друга страна го прави гледањето непријатно и дефокусира од значајните детали. 

Во ретките критики за филмот кои се појавија по неговото прикажување на Фестивалот во Торонто тој се споредува со „Злосторство и казна“ на Достоевски или со грчка трагедија. И ова стои. Но многу попрепознатлива е онаа старозаветната за Каин и Авел, архетипска приказна за зависта и одбегнувањето на одговорноста, но овој пат споени со современите мрежи на моќ и со етничките предрасуди. 

Илина, Букбокс

5 декември 2025 - 11:59