Значи вака: дали во НУБ навистина нема книги?

Ретко сме мотивирани да пишеме текст што почнува со „значи вака“, затоа што ни е смачено од расправии и објаснувања, на која и да е тема. Ама ова видео од белосветски патник кој влегува во НУБ исто толку брзо колку што излегува, за експертски да заклучи дека таму има „само една соба“ со нула книги, нè раздразни вака посабајлечки. 

Поводот е следен: американски турист, кој како што самиот вели никогаш не влегол во библиотека надвор од САД, очигледно како „стилска вежба“, прави видео од својот обид да влезе во НУБ. Луѓето според она што е снимено се љубезни, зборуваат англиски, му ги објаснуваат правилата и му ја покажуваат просторијата за работа. Целиот ден чини 3 долари односно 150 денари. Со зајадлив коментар дека во библиотеката има само една соба и НЕМА КНИГИ, тој си ги собира парталите и заминува. Останува неговото „инфлуенсерско“ видео да сведочи за состојбата на оваа институција на најмоќниот медиум на светот - интернет.

На дечкото можевме да му реплицираме и прилично лапидарно, но бидејќи сака да чита, да го почастиме. 

Значи вака.

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ првично е формирана во 1920 година како дел од Филозофскиот факултет во Скопје. Бидејќи била достапна за сите посетители, а не само за студенти, тоа е практично првата јавна библиотека во Скопје. Во првата половина на 20 век таа поминувала низ сите историски премрежја - во текот на Втората светска војна, на пример, тогашниот директор Георги Шоптрајанов, инаку првиот Македонец со докторат по лингвистички науки одбранет на Сорбона, ги спакувал највредните книги во дрвени сандаци и ги засолнил во манастирот Св. Димитрија близу Велес. Во 1944 со одлука на АСНОМ библиотеката прераснува најпрвин во Народна, потоа и во Универзитетска. За време на земјотресот имала околу 500.000 библиотечни единици, кои исто така биле спасувани од под урнатините. Денес има над 4 милиони сигнатури (книги, списанија и други материјали), сместени во пет подземни магацини во кои се одржува температура од 22 степени и влажност од 68%. Накратко, таму ИМА книги.

Ова е што се однесува до историјата и подалечното минато. Ќе бидеме први кои ќе наведеме долг список на критики и замерки за состојбата на библиотеката во она блиското. Кровот во една од салите се закануваше да падне, а на плочникот кај влезот кога врнеше беа поставувани кофи. Околку зградата имаше ѓубриште. Веб-страницата не работеше. Во еден бран голем дел од вработените во еден момент се пензионираа, па канцеларии кадешто некогаш имаше пет-шест (потребни) луѓе сега се со по еден. Бифето одамна не работи. Читатели има, но далеку од некогашната бројка. НУБ веќе не е едно од ретките места кадешто може да се седне и да се работи во мир - се отворија и други кои се полесно достапни, некои од нив работат и 24 часа, по „живи“ се, имаат систем на штекери и полначи, климатизирани се и пријатни. Во НУБ главно одиш по работа, ако си издавач или истражувач. 

Некои нешта укажуваат дека последниве месеци има благо поместување на работите - директорот самиот сади љубичици пред зградата, а богами и сајтот почна да работи (иако се уште недостасуваат неколку рубрики). Откако еднаш ќе заминат, луѓето тешко се враќаат во простор што еднаш го прогласиле за неатрактивен - библиотеки во светот почнуваат да изнајмуваат не само книги, туку и алати, облека, предмети. Можеби вакви видевца од странци би се превенирале ако има и англиска верзија на сајтот? Па, ако веќе сакаат да читаат....

Види претходно: 
Подкаст „Обични луѓе“ - Подземниот чувар на книжевното богатство или приказната за Цане од НУБ

4 декември 2025 - 10:30