* повеќе инфо за свадбата тука
За наивните (или пак премлади) кои мислат дека вака аздисани никогаш не биле припадниците на политичката елита (истите ќе помислат дека оваа формулација е грешка), да потсетиме на една друга семејна веселба на пратеникот, овековечена во емисија на незаборавната Маја Синадиновска, пред 10 -тина години.
Толку бев мирнодопски раскравен, што по којзнае колку време на раат ја изгледав емисијата на легендарниот пеачко-водителски пар кој се одѕива на шифрата Маја Синадиновска. Божанствено, спектакуларно, оргазмично. Го беше викнала Амди Бајрам, маскиран како ексклузивен гостин. Го беше најавила со пригоден видео материјал – снимка од некоја свадба на која Амди прави фишеци од марки и нив ги боде во косата на Благица Павловска. Откако Амди ја аранжираше девизната икебана на главата на Благица, се вративме во студиото за да уживаме во суптилниот разговор на двата интелектуални дивови.
Амди разврза за тоа како ја препознал ромската душа на Солана по начинот на кој овој му ја стиснал раката, за бенките како таен пасворд по кој се познаваат етничките браќа, за тоа дека му претскажале голема иднина и многу пари затоа што има ретки заби. Потоа следуваше суптилен автобиографски блок: свадби во воздух, сунети во хеликоптери, над Охридско летаат кожинки од надареното машко потомство на Амди од кои човек може шинел да сошие.
Дескриптивната мисла на нашиот пратеник беше поткрепувана со силината на статистичките бројки од спомнатите свадби, сунети, Ѓурѓовдени, локалнопарламентарни избори и други забавно рекреативни приредби: милијарда заклани бикови, катаљон блажено упокоени јагниња... За сето време, од ова импресивно портфолио на Амди, на Маја ѝ доаѓа вода на уста што придонесува одвреме навреме да ѝ се испушти едно тивко, нутриционистичко: „Секоја чест, секоја чест".
Ако и ова не е доволно да ви го објасни нашето п.с., одиме уште порано, со ТВ снимка објавена во емисијата Балкан Експрес, на Сител, пред 17 или така нешто години:
Кликнете ТУКА
п.с. Океј Амди, се предаваме, ти победи. Среќна свадба. Точка.