Ах љубов, сладок сон

Приказната зад 7 славни љубовни песни

Не дека е важно да знаете дали зад некоја песна стои вистински настан и фиљан човек на кого му е посветена за таа да ве допре, и да помислите дека е напишана баш за вас и вашата љубовна среќа/болка/чемер/јад. Ама па овие песни се толку познати, што сигурно нема да ви ги расипеме со деталите околу нивното создавање. 

Love me Tender

Славната песна, главно позната по изведбата на Елвис Присли, всушност е на Џорџ Пултон, под наслов Ора Ли (Аura Lee) - балада за убава девојка со сјајна коса од 1861. Иако се работело за љубовна песна, во текот на Американската граѓанска војна станала популарна на обете страни од конфликтот. По војната ја снимиле голем број пејачи - во 1936 Френсис Фармер ја испеала во филмот Come and Get It, во два различни гласа (ја играла и мајката и ќерката во филмот).

Во 1956 веќе успешниот Елвис Присли ја добил првата филмска улога во филм со наслов Love Me Tender. И било одлучено дека во него ќе ја испее неговата прва балада. Музичкиот режисер на филмот, Кен Дарби, ја ископал 95 години старата мелодија и најверојатно самиот ги напишал новите стихови, иако официјално тие се водат на неговата жена и на самиот Елвис.

Nick Cave & the Bad Seeds — "Into My Arms"

Прекрасниот албум на Кејв The Boatman's Call критичарите често го нарекуваат негова „екскурзија" во светот на пијаното и баладите, но за многумина тој е причината зошто воопшто го засакале Кејв. Повеќе песни на него, како "West Country Girl", "Black Hair" и оваа, "Into My Arms", се поврзуваат со неговата тогашна врска со П. Џ. Харви, со која го испеа славниот дует „Хенри Ли". Подоцна тој го поврзал почетокот на нивната љубов токму со снимањето на спотот за оваа песна: „Претходно не се познававме добро, и додека го снимавме видеото нешто се случи. Некоја чудна атмосфера, и после имаш нешто како уф..".

Joy Division — "Love Will Tear Us Apart"

Една од најчемерните (чемер=очај+1) ја опишува бурната врска на Јан Кертис со неговата жена Дебора, и е буквално негов епитаф: жена му ја врежала на неговиот гроб.

Red Hot Chili Peppers — "I Could Have Lied"

Кога излегла автобиографијата на Ентони Кидис, во неа тој напишал дека песната е за Шинед О'Конор, која имала некаква врска со него во раните 1990-ти. Нo самата Шинед изјавила дека никогаш немала ништо со него, освен што тој ѝ се пуштал, и дека (цитирам) „ич не ѝ чуе за песната што ја напишал".

The Velvet Underground — "Pale Blue Eyes"



Песнава е за Шели Албин, која му била девојка на Лу Рид додека тој бил на факултет, а за која еднаш наводно изјавил дека била „единствената жена која некогаш ја сакал". Нормално, пред да ја запознае Лори.

Antonio Carlos Jobim — "The Girl from Ipanema"

Во еден од бисерите на музичкото новинарство Гардијан, по повод 50 години од раѓањето на песната, ја пронашол вистинската „девојка од Ипанема" - денес таа има 69 години, пензионирана ТВ водителка е, и уште е убава. Повеќе за неа и песната тука.

Leonard Cohen — "Chelsea Hotel No. 2″

Песната е посветена на Џенис Џоплин, за нешто што се случувало во соба во хотелот Челси (а се случувало). Коен во некои од стиховите е сепак кретен кон неговата инспирација: „Нема да се преправам дека те сакав..Не ни мислам на тебе толку често". Бар си кажа човекот.

Bonus Track, за лепо друштво у ќошку

Азра - „Случајан сусрет“

"Mирна сва у сексу
прочитала ме инстинктом
кад се смије цијелим тијелом
народ ужива...“

Вистинската Мирна од 55-тата минута oд документарецот за неа и другите ликови-инспирации на Џони, „Кад Мики каже да се боји“.

13 февруари 2013 - 09:27