Во февруари 1926 година, рускиот биолог Иља Иванов тргнал кон Гвинеја во француска Западна Африка со цел да изведе еден од најсензационалните експерименти на своето време – да се обиде да создаде хибрид меѓу човек и мајмун. Тој веќе бил светски познат по вештачкото оплодување и веќе имал создадено разни животински хибриди, како зебра-магаре (зеедонк) или бизон-крава (зуброн). И покрај сомнителната природа на проектот, болшевичката власт му дала дозвола и пари за експедицијата, во период кога ретко кој Русин смеел да ја напушти земјата. Токму ова обезбедило подлога за подоцнежното тврдење дека советската власт, и Сталин лично, стоеле зад оваа идеја.
Иванов прво открил дека мајмуните кои биле фатени за неговата цел не биле полово зрели, па морал повторно да се врати во Европа и да почека тие да „пораснат“. Во меѓувреме во Париз соработувал со хирургот Серж Воронов, познат по „подмладувачките“ операции во кои човечки и мајмунски ткива се трансплантирале за подмладување богати клиенти. Двајцата дури направиле и трансплантација на човечки јајник во женски мајмун, што предизвикало сензација.
Кога повторно се вратил во Африка, Иванов успеал да фати неколку женки шимпанзи и да им вметне човечка сперма, но без успех. Сакал, да го стори и обратното, да оплоди локални жени со сперма од шимпанза под изговор на медицински преглед, но тоа било откриено и забрането од колонијалните власти.
Назад во СССР, Иванов успеал да најде барем пет советски жени кои доброволно се пријавиле да носат полумајмунско дете во интерес на науката. Но мајмуните донесени за оваа цел од Африка не преживеале – единствениот зрел машки примерок кој преостанал бил 26-годишен орангутан по име Тарзан, но и тој умрел од мозочно крварење. Во 1930 година, кога почнале да пристигнуваат други шимпанза, Иванов паднал како жртва на сталиновите чистки, бил протеран во Казахстан и таму починал.
Зошто толку упорно сакал да создаде ваков хибрид? Според некои теории Иванов се обидувал да го докаже Дарвиновиот еволутивен континуитет меѓу луѓето и мајмуните, што би било силен удар против религијата – цел која болшевиците ја поддржувале. Постои и теорија дека болшевиците сакале мајмунски жлезди за свои „подмладувачки терапии“, но нема цврсти докази за тоа. Најверојатната мотивација била идеолошка: раководството верувало дека науката може активно да го „преобликува“ човештвото и да создаде „нов тип човек“ за социјалистичката утопија. Хибридот би бил доказ дека човековата природа е променлива. Иванов бил инспириран од револуционерниот оптимизам на времето: ако науката можела да создава нови хибриди меѓу животни, можеби можела да го трансформира и човекот. Иако денес изгледа крајно екстремно, за него тоа било логично продолжение на научните можности во духот на болшевичките идеи.
Кога во 1990-тите се отворија руските архиви, проектот на Иванов повторно ја привлече јавноста, често сензационализиран со приказни за „мајмун-војници“ и „Сталинови мутанти“. Но експериментите на Иванов во 1920-тите воопшто не биле тајни – биле широко коментирани и опишувани во тогашниот печат. Откако не успеал да произведе хибрид, интересот спласнал и приказната била заборавена. Набргу светот ќе биде опседнат со една друга квази-научна идеја, онаа за еугениката.