Игор Стефановски:

Да нишаниме кон ѕвездите!

Нашиот огромен проблем во овој момент е постоењето на повеќе вистини во Македонија, кои нè имаат поделено на досега невидено ниво. Толку сме поделени што мораме да најдеме заеднички точки, врз кои понатаму би биле поставени темелите на системските промени што треба да ги бараме како граѓани на Македонија. Кои би биле тие?

Имаме ретка шанса за свеж почеток и за креирање на праведно општество која мора да се зграпчи. Но, ни оставка на целата влада ни креирањето на преодна влада нема да бидат доволни, бидејќи сепак ќе остане целата машинерија на овој каубојско-капиталистички систем во којшто живееме и чии полтрони се сите политички гарнитури.

Во овој систем сè се сведува на економија, на финансиски кризи кои ни се претставени како апокалипси, на некаков си пораст на БДПто... Додека мене, а и верувам големото мнозинство граѓани на Македонија, ме интересира само дали сите имаат доволно храна и вода денес, дали имаат каде да спијат, дали здравството е способно соодветно да се грижи за болните, дали државата ќе ги чува обесправените во мое име, и уште илјада други, хумани прашања кои немаат врска со акции, берзи и цената на златото.

И затоа, бидејќи сум убеден дека повеќето од нас сме хумани и знаеме дека нема да можеме да бидеме сосема среќни додека околу нас страдаат други, имаме шанса да направиме нешто навистина позитивно за нашето општество.

Фејсбук е полн со статуси дека ни фали трета политичка опција. Но таа воопшто не фали – таа сме ние, само не сме свесни за сопствената моќ и сè уште сме поделени помеѓу традиционалните политички опции.

Во исто време, никогаш не сме верувале помалку во политичарите во нашата земја и во нивната желба и способност да нè стават нас, наместо своите интереси, на преден план.

Затоа, овој е правиот момент за претворање на таа граѓанска сила во нешто конкретно, во нешто што ќе биде навистина позитивно за нашата земја.

Во таа насока, и да се во право предвидувањата за формирањето на техничка влада и враќањето на опозицијата во Собрание, овие надпартиски протести треба да продолжат и да се засилат сè додека не се постигне договор за длабоки општествени промени. Инаку, постои голема веројатност дека таа техничка влада би седнала, би се договорила дека досегашниот систем е во ред, и би продолжила по истиот терк, само со нови лица.

Не смееме да дозволиме тоа да се случи. Мора да бараме реформи што ќе водат кон креирањето на современо општество кое ќе биде пример за нашиот регион. Доста веќе од овој систем којшто ги вреднува парите и профитот повеќе од луѓето, богатите повеќе од сиромавите, економскиот раст повеќе од планетата земја... Доста од систем којшто бара од својот народ да биде активен само за гласање еднаш на четири години, па потоа го принудува на пасивност.

Како би изгледале тие промени и реформи? Има други, поспособни од мене по овие прашања, но еден убав почеток би бил воспоставувањето на вистински граѓански систем на контрола и надзор врз работата на државните иституции. Ако тие, во теорија, работат за нас, тогаш зошто да не биде така и во праксата, и пропишано со закон којшто ниедна влада нема да може да го укине? На овој начин ние би ја одредиле рамката и просторот во којшто нашите политичари би можеле да дејствуваат.

За сите оние кои ќе речат, ,,Е како да не! Кои сме ние да побараме такво нешто?", јас би сакал да ги прашам ,,ЗОШТО да не?!" Штом народот на една мала земја како Исланд можеше да ѝ даде отказ на целокупната своја влада по финансиката криза пред некоја година, па дури и да ги затвори виновните банкари, тогаш граѓаните на сите земји можат да ги направат соодветните промени во сопственото опшество.

Но, нашиот огромен проблем во овој момент е постоењето на повеќе вистини во Македонија, кои нè имаат поделено на досега невидено ниво. Толку сме поделени што мораме да најдеме заеднички точки, врз кои понатаму би биле поставени темелите на системските промени што треба да ги бараме како граѓани на Македонија.

Кои би биле тие? Верувам дека сите би се согласиле дека сакаме да живееме во мир. Дека сакаме здравството да се грижи за сите, колку и да чини тоа. Дека вработувањата треба да бидат базирани на меритократија. Дека јавниот телевизиски сервис треба да биде непристрасен. Дека избирачкиот список треба да се исчисти...

Некои од овие работи лесно можат да се пропишат со закон. Но, се разбира, многу е потешко да се реализираат. И токму тука е потребен граѓанскиот надзор. Зошто да не се протестираме за такво нешто? Зошто да не земеме барем малку од моќта што им ја даваме на политичарите во наши раце, за да не можат повторно да не донесат до ова дереџе?

Треба да нишаниме кон највисоките идеали на општество базирано на еднаквост, рамноправност и социјална правда. Ни треба власт што поблиску до граѓаните, по оној принцип на субсидарност којшто ЕУ толку многу го промовира и поддржува. Ни треба зелена локална економија наместо евтино распродавање на национални ресурси на странски фирми.

Спасот за човечката раса е во размислувањето на глобално ниво, а дејствувањето на локалното. Не смееме да се сомневаме во тоа дека мала група на луѓе може да го промени светот – не целиот, но барем сопствениот. Таа промена на нашиот свет и на нашиот систем е само во наши раце, и токму сега, повеќе од кога било во последниве 24 години, е моментот да воспоставиме општествен систем којшто би бил вистински пример за други.

Да нишаниме кон ѕвездите! Бидејќи и да удриме во Месечината, сепак ќе имаме подобро општество за сите.

Игор

16 мај 2015 - 14:46