Вашингтон очекува за командант на силите на НАТО во Европа да се пријави Германија. Не веднаш, но од европските сојузници бара да ја почитуваат обврската да преземат поголема одговорност за одбраната на нивниот континент.
Се надевам дека ќе дојде ден кога Германија ќе пристигне во САД и ќе рече дека е спремна да ја преземе функцијата сојузнички командант. Мислам дека сè уште сме далеку од тој ден, но со нетрпение очекувам такви дискусии, порача американскиот амбасадор во Алијансата, Метју Витакер на Берлинската безбедносна конференција.
Германскиот воен претставник, генералот Волфганг Вин, се заблагодари на довербата, но и љубезно ја одби поканата. Тој изјави дека Германија е спремна да преземе поголема одговорност во организацијата, но се уште смета дека командната позиција е резервирана за Американец. На функцијата постојано бил американски генерал. Од јули годинава тоа е Алексус Гринкевич.
Амбасадорот Витакер објасни дека неговата порака значи дека сојузниците мора да ги исполнат обврските од Хашкиот самит.
Тоа значи поголемо инвестирање во одбрана, зајакнување на соработката во одбранбената индустрија, градење на отпорност и заштита на кохезијата – нашата најголема стратегиска предност, порача Витакер.
Европските членки на НАТО (освен Шпанија) на самитот во Хаг презедоа обврска да ги зголемат своите буџети за одбрана. Ја зајакнуваат одбраната и преку Европската Унија, која вчера претстави нов пакет мерки, наречени „воен шенген“, за поголема мобилност и брзо распоредување на трупи преку внатрешните граници на 27-те членки.
Европската комисија ќе инвестира 17,65 милијарди евра за надградба на 500 критични точки - мостови, пристаништа и тунели, кои се идентификувани како тесни грла за транспорт на оружје и трупи.
Ако ЕУ ги зголеми своите одбранбени капацитети и подготвеност, тогаш Русија нема да нè нападне, затоа што не сме слаби, изјави шефицата за надворешна политика Каја Калас.