САД ќе им даваат приоритет на природните човекови права

Стејт департментот прави драматичен пресврт во извештаите за почитувањата на човековите права низ светот. Амбасадите добиле упатства да посветат поголемо внимание на злоупотребите на правата „дадени од Бога“, со акцент на задушувањето на слободата на изразување. Извештаите опфаќаат 198 земји и служат како основа за судски пресуди во целиот свет.

Стејт департментот вчера им ги испратил новите упатства на сите амбасади и конзулати на САД. Им се наложува во извештаите за човекови права да забележуваат и случаи на промена на пол кај децата или државни субвенции за абортус, покрај оние што беа вообичаени досега - случаи на тортура, политички апсења и прогон на малцински групи. Првите документи составени врз основа на новите упатства ќе бидат објавени следната година.

Во иднина, американските дипломати мора да известуваат за случаи на хемиско или хируршко осакатување на деца преку процедури за промена на полот, обиди за принудување на луѓето на еутаназија и проценетиот број на абортуси извршени во една нација секоја година, вели анонимен функционер од Стејт департментот.

Ќе се собираат и податоци и за политики за преференцијален третман на работници врз основа на пол или раса, како и податоци за апсења, истраги или предупредувања поврзани со слободата на говорот.

САД остануваат посветени на Декларацијата за независност, која признава дека „сите луѓе се обдарени од Создателот со одредени неотуѓиви права“. Целта е да се фокусираме на правата дадени од Бога, а не од владите, вели друг функционер.

Уште во првиот претседателски мандат на Трамп тогашниот државен секретар Мајк Помпео создаде комисија за „неотуѓиви права“, која го префрли фокусот од хомосексуалците кон имотните и верските права. Таа имаше мал ефект и беше укината во времето на Џо Бајден.

Извештаите на Стејт департментот за 2024 година беа изготвени за време на мандатот на Бајден и беа објавени во август, речиси половина година подоцна од вообичаеното. Во нив немаше значајни детали, а во споредба со претходните беа намалени забелешките за насилства и прогони врз припадници на ЛГБТ заедницата.

Извештаите содржеа значително повеќе критики кон сојузниците во Европа, особено за прашањата за слобода на говор поврзани со цензура на десничарски групи или поединци. Државниот секретар Марко Рубио објави дека слободата на говорот ќе биде главен фокус на агенцијата.

Извештаите од 2024 година се добар пример за тоа што може да се очекува следната година. Новите упатства до американските дипломати ќе им овозможат да создадат поедноставни, и почитливи извештаи, достапни за јавноста, вели изворот на Вашингтон пост.

******
Види и: Стејт департменот ги прекрои критериумите за човекови права

21 ноември 2025 - 13:25