Резолуцијата (прилично симболична и беззаба) беше протолкувана како американски нож во грб на израелската држава. Нетанјаху беше гневен, Трамп му порача на Израел да издржи до 20-ти јануари.
А таа пројде благодарејќи на неочекуваната воздржаност на САД кои во двата мандата на Барак Обама ги блокираа сите слични резолуции. Сите други членки на Советот беа едногласно За.
Во неа нема ништо спорно и практично потсетува на потребата од враќање на меѓународното право при што се осудува и палестинскиот тероризам и контроверзното градење еврејски населби за да се смени структурата на населението.
Предоцна и премалку, би можело да се заклучи ако се има предвид дека Обама речиси и воопшто да не го користеше американското влијание за да издејствува меѓународно прифатливо однесување на Израел, како што тоа го правеа некои републикански претседатели, вклучувајќи го и легендарниот конзервативец Роналд Реган.
За споредба, администрацијата на Џорџ Дуплове Буш дозволи шест слични резолуции на Советот за безбедност во кои од Израел се бара да се воздржи од своите максималистички планови. Меѓу нив и онаа од 2004-та со која изрично се бара од Израел да прекине со рушење палестински домови. Израел неодамна продолжи со оваа меѓународно осудена пракса но за тоа ни зуц критика од Обама.
Буш постариот дозволи да пројдат девет такви резолуции а во ерата на Реган минаа дури 21 резолуција критички настроена кон постапките на Израел. Меѓу нив и Резолуцијата 573 со која директно се осудува израелскиот напад во Тунис.
Републиканските претседатели не се задржуваа само на дипломатски мерки за моделирање на израелската политика. За да го прекинат ширењето на населбите на спорните територии, Дуплове Буш на Израел му најави заем од 10 милијарди долари со кои ќе се помогнеше населувањето на советските Евреи. И тој заем го држеше замрзнат сè додека Јицак Рабин писмено не се обврза на стопирање на изградбата на населбите.
А среде израелското бомбардирање во Либан, Роналд Реган го сопре трансферот на кластер муниција за својот сојузник заради претераното гинење на цивили.
Постојат записи дека во 1982 година, Реган му се има телефонски јавено на тогашниот израелски премиер Менахем Бегин и му има кажано:
"Менахем, ова е холокауст".
20 минути после телефонскиот разговор, Бегин наредил запирање на бомбардирањето.