Жртви без насловни страници

Во комплетно безумен чин во Конектикат загинаа 20 невини деца. САД со право се ужаснати. Со право и се потегнуваат сите можни дебати, од контрола на оружјето (една од најлицемерните политики на Обама) до улогата на семејството и институциите. Но, зошто бесшумно заминаа 178 убиени деца?

Беспилотните летала се едно од најомилените американски начини за напад на непријателски цели во последно време. Чиста работа. Некој седи со далечински управувач на безбедно место и го насочува дронот и неговиот убиствен товар на целта која ја намерачил. Целата програма е класификувана како доверлива но се знае дека дроновите често се управувани од цивили, тнр. контракторски фирми кои ја обавуваат операцијата за американската војска. Често ги викаат убијци под договор.

Во последно време Пакистан (и нешто Јемен) е една од најчестите вежбални за дроновите.

Добар дел од Американците своевремено беа вознемирени од фактот што претседателот не доби одобрување од Конгресот за воведување зони за забрането летање над Либија. Овојпат, речиси никаков отпор што Пакистан се бомбардира без потребната институционална авторизација (последната е од 2001-ва и се однесува на акции против починителите на 9/11 ама не и на нивните поколенија).

Пентагон тврди дека дроновите се извонредно прецизни атентатори и дека не предизвикуваат непотребни жртви освен она што е оценето како легитимна цел на нападот. Според извештаите од теренот, американските дронови досега убиле околу 3.000 лица во Пакистан. Од нив, околу 600 биле цивили кои се нашле на местото на настанот а 178 биле деца чија ликвидација тешко дека може да се подведе под терминот "легитимна цел".

Посебно ужаснува фактот што ваквите напади често се прават во два наврати. Дронот експлодира, се чека да дојдат спасувачи па се мава уште еднаш и по нив, што е тотално против правилата на војната и во други ситуации би се сметало за воено злосторство. А многу веројатно е по првиот напад, некои од децата да дотрчаат до своите ранети родители.

Професорот по историја Хуан Кол е еден од ретките кои се обидува да ја заинтересира јавноста за оваа тема.

"Луѓе ме потсетуваат дека децата во Њутон не биле во "воена зона'. Но, забораваат дека и децата во Вазиристан (планинска област во Пакистан, на границата со Авганистан во која дроновите често делуваат - н.з.) не се во воена зона. Никој не прогласил евакуација, никој не побарал цивилите да се засолнат. Тие не се ни Арапи а поголемиот дел не се Талибанци. Едноставно живеат таму, возрасните копаат земја, децата одат на училиште и одеднаш од никаде ќе им се појави американски дрон и ќе ги дигне во воздух," пишува професор Кол.

Видео потсетување на овие жртви (НЕ го препорачуваме за луѓе кои лесно се вознемируваат):

 

 

 

17 декември 2012 - 10:47