Муабети на место

Благо спакувано во очобол

Сакам да поддржам македонски производи, не од патриотизам, туку чисто онака „лестерски“. Ова од лево е Чокофино, „еурокрем“ од Европа. На вкус, не очекувајте виножита во устата, ама пристојно добро е. Разликата помеѓу тоа од лево и тоа од десно не е толку во вкусот и квалитетот, колку што е во пакувањето.

Тотално пријателска анализа:

1. Се решиле за пластично пакување, тотална копија од едно друго (ни мене не ми текнува како се вика) „еурокремче“, веројатно борбата за пазарниот колач воопшто и не е со Нутела. Океј, разбирам.
Имаш пластика, обиди се „канчето“ да го направи инвентивно, немаш пари - дај го како проектна задача/пракса на студенти на (индустриски) дизајн. Ако не ти се допаѓа крајниот продукт, не мора никому ништо да му платиш (4К денари пракса?) и пак ти останува оваа копија.
Студентот е по искуство и референца, ти по потенцијално инвентивно пакување.

2. Боите - тотален очобол. Немаш пари за принтање (бтњ, има пакувања кои шо имаат дуплирани букви) - оди со минимализам, да не речам, лес ис мор. Фонтот, тотално нечитлив. Додека се обидат да го прочитаат, купиле Таково. Јасно, читливо. Боите без градиенти, 2016та е.
Во оваа точка е истиот муабет со дизајнот и студентот (може и двајца различни да најмите).

3. Она што боде очи - главното сликиче шо треба да продате, личи на фецес во стаклен сад. Сериозно мислите дека е случајно зошто е кришката леб со крем и млеко на Нутелата? Ние сме визуелни суштества, се дразниме од тоа што го гледаме. + еден културолошки момент - никој не јаде крем од стаклена социјалистичка чашка (едно време имавме такви дома, али се скршија, јбг).
Или можеби таргетот се стоунери, ала па и тие би јаделе со лажица од пластичното, директ, не би се замарале да го стават кремот во некакво садче...

Со оглед на тоа што фонтов е латиничен и доле има пресметано тежина во oZ, веројатно ова е наменето и за странски пазар.

Среќно.

Виктор Викса Арсовски

23 август 2016 - 21:15