Зошто Заев нема да добие Нобелова награда

Реално, мали се шансите нашиот теледиригиран премиер да се закити со таа престижна и контроверзна награда, иако мора да му се признае дека вешто го одработува проектот за лоботомизирање на граѓанството додека му се менува описот на државата. Нашата воздржаност е од чисто статистичка природа. Имено, за лоботомија веќе имаат доделено Нобелова награда, па нема ваљда два пати за исто.

Наградата за мир треба да се доделува на поединци и институции кои „вложуваат исклучителни напори за јакнење на братството меѓу народите, за распуштање или намалување на постоечките армии и за промоција и поддршка на мировни здружувања“, стои во тестаментот на Алфред Нобел.

Па сепак, од 1901 година, откако е доделена првата, не постои друга категорија во која победникот толку често и толку жестоко бил оспоруван. Една од причините е што наградата за мир има  вродена мана: со своите постапки лауреатот може отпосле да го девалвира она за што бил награден, што не е случај со добитниците во другите области (ако генијално си открил некој закон во физиката, законот си стои колку и после да си оглупел). А има и добитници што и претходно ја засрале работата, само што, ете така, биднало.

Уште полудо е кај номинациите: во 1939 година, во официјална трка се Бенито Мусолини и Адолф Хитлер а „добриот човек Сталин“ во игра е дури два пати, во 1945 и во 1948 година. Хитлер и Сталин, секој колку може, имаат убиено 40 милиони луѓе.

Мала прошетка по контроверзите околу добитниците и за мир и за друго:

Кордел Хул

Номиниран неколку пати во 30-тите години на минатиот век, Хул конечно ја добива Нобеловата награда за мир во 1945 година заради неговите напори за создавање на Обединетите Нации. 

Само што:

Неколку години претходно има водено брутална анти-имиграциона политика заради која стотици Евреи имаат загинато од Нацисти. Елем, по наредба на Хул кој во 1939 година бил државен секретар на САД, на околу 1.000 Евреи кои требале да дојдат со брод од Хамбург до Америка, им било обиено барањето за азил. Иако неговиот шеф, претседателот Френклин Д. Рузвелт бил расположен да им даде прибежиште на тие луѓе, сепак попуштил под притисокот и уцените на Хул и демократската опозиција од југот па бродот бил вратен назад во Германија, каде што огромен дел од луѓето претрпеле ужасни тортури и завршиле со смрт во наци занданите.

Ригоберта Менчу

Добитничка на Нобеловата награда за мир во 1992 година. Повод: нејзиното животно дело „Јас, Ригоберта Менчу“, автобиографска книга за животот на Маите и особено за геноцидот на домородното гватемалско население во 70-тите и 80-тите години на минатиот век.

Само што:
Антропологот Дејвид Стол подоцна уверливо покажува дека Менчу лежерно ја растегнувала вистината за да добие на драматика и дека некои настани и случки се или преувеличани, или изменети. Не била необразувана како што тврди во книгата и не сведочела лично на некои настани кои ги опишува во прв лице. Накратко, дека Ригоберта својата биографија ја третирала како што Мелита ги третира фотките: со многу фотошоп. Стол заклучува дека иако нејзиниот живот заслужува почит, нејзините записи не можат да се сметаат за реалистичен портрет на тоа парче историја.

Хенри Кисинџер

Кисинџер е толкав злотвор што заслужува посебна статија за да може да се наброи бар дел од неговото крваво портфолио. И ја има добиено:

  • Во 70-тите години Кисинџер се среќава со Нацисти и им нуди помош да ја срушат левичарската влада во Западна Германија.
  • Кога Црвените Кмери прават геноцид во 1975-та, Кисинџер вели: "Ние сме подготвени да ги подобриме односите со нив. Тие се убијци и бандити но нема да дозволиме тоа да ни застане на пат."
  • Редовно помага крајно десничарски и диктаторски режими во Латинска Америка за да не дозволи "Црвените" да се приближат до САД.
  • Креатор е на стратегијата "Операција Кондор" која подразбира систематски државен тероризам против левичарски струи.
  • Креатор е на стратегијата "Madman" во американската војна во Виетнам која тежи најмалку 3 милиони животи. Стратегијата се заснова на тоа да се убеди непријателот дека си има работа со луди луѓе кои нема да се колебаат да употребат и атомска бомба.
  • Преку ЦИА го руши демократски избраниот социјалист Салвадор Аљенде и во Чиле го инсталира диктаторот Аугусто Пиноче. Уште од победата на Аљенде, тој и Никсон нарачуваат "чилеанскaта економија да пишти".

"Ова е толку важно прашање што не можеме да им го оставиме на гласачите во Чиле сами да го решаваат" -Хенри Кисинџер.

Види ја статијата: „(Донт) Кил Кисинџер“

Барак Обама

Доделувајќи му ја Нобеловата награда за мир во октомври 2009 година, норвешкиот комитет објасни дека Нобелот оди кај него заради „исклучителни напори за јакнење на меѓународната дипломатија и соработката меѓу народите“.

„Кога успеа бе машко?“ беше најчестата реакција на таа вест, знаејќи дека Обама за наградата беше номиниран само 12 дена откако влезе во Белата куќа.

Кога на крајот на годината стигна во Осло за да ја подигне наградата, веќе го имаше триплирано бројот на американски војници во Авганистан.

Ал Гор

Некогаш вториот а за малку и прв човек на САД, Нобеловата за мир ја доби во 2007 година заради неговото будење на човештвото околу затоплувањето, климатските промени, употребата на енергијата....

Само што:

Во неговиот клучен оскаровски документарец подоцна се докажаа дури 9 мрсни грешки од типот манипулација со статистичките податоци, невтемелени тврдења за порастот на морското ниво и слично. Сето тоа беше докажано и во судски процес пред британски врховен суд.

Башка, на Гор едно време му ги извадија домашните сметки за струја (годишно плаќал по 30.000 долари!) по кои се виде дека неговиот скромен дом од 20 соби срка 20 пати повеќе струја од националниот просек. 

*****

Контроверзите околу лидерката на Мијанмар, Суу Куи, се релативно тазе (за поширокиот контекст види: Балканскиот карактер на Мијанмар и Рохинџите). Михаил Горбачов е добитник на мировната награда (заради релативно мирниот распад на советската империја) иако активно се има спротивставувано на независноста на балтичките земји, Менахем Бегин ја добива во 1978 заради Кемп Дејвид иако тоа е човекот кој четири години подоцна наредува воена инвазија на Либан, а Нобелова за мир имаат добиено и Јасер Арафат, Нелсон Мандела, Јицак Рабин, луѓе кои во дел од своите кариери прибегнувале и кон  - што државен, што бунтовнички - тероризам, кога тоа одговарало на нивната национална кауза.    

*****

Фриц Хабер

Добитник од 1918 година за хемија. Го наоѓа она што било барано 100 години пред него, како да се синтетизира амонијак од неговите компоненти, нешто кое денес масовно се користи за производство за храна. Се проценува дека 30 до 40% од денешното население не би било живо без неговиот пронајдок.

Само што:

Хабер е директор на Институтот кој доаѓа до формулата C20H16N4, формула за смртоносниот гас хлорин со кој во Првата светска војна се убиени 1,3 милиони луѓе. Хабер со години жестоко лобира за хлоринот на што судбината му враќа неговата сопруга, исто така научник, да страда од истиот гас во првите денови од неговата употреба за воени цели.

Антонио Каетано де Обри Фреире Егас Мониз

„Пред фронтална лоботомија“ звучи како нешто што веднаш асоцира на филмови и на оние, често недоброволни фикуси од пациенти. Но, тоа е пронајдок кој е закитен со Нобелова награда во 1949 година заради „револуционерноста“ на хируршката процедура која ја развил Антонио Мониз.

И покрај огромните злоупотреби на таа процедура после чие откривање во многу земји лоботомијата беше забранета, комитетот никогаш не ја повлече својата одлука со образложение дека во времето кога е воведена, не постоеле „ефикасни алтернативни терапии“ за некои ментални болести од лоботомијата.

Значи, нешто слично како Преспа.

Заради онаа вродена мана спомната на почетокот на текстов, има луѓе кои мислат дека Нобеловата награда за мир (која не може да се дава постхумно иако и тоа се има случувано, некогаш по грешка), треба да се дава исклучително на стари луѓе, пред нивната смрт, кога нема да имаат многу шанси да заебат работа.

******

Уште едно само што:

Има бетер и од Нобелова

20 декември 2018 - 12:58