Зеленски им остава на корумпирани соработници да ја решаваат судбината на Украина

Се чини дека примањето мито и лојалноста кон претседателот се главните адути за позицијата што ја решава судбината на Украина. Откако го смени корумпираниот Јермак, претседателот Зеленски за шеф на преговарачкиот тим постави друг лојален сојузник, вмешан во истиот скандал, а на Американците им се жали дека „антикорупционерите му ги саботираат напорите за мир“.

Андриј Јермак беше главен украински преговарач само неколку дена, пред антикорупционерите да му извршат претрес во домот, во рамките на истрагата за злоупотреба на стотина милиони евра од енергетскиот систем на Украина. Под притисок од скандалот, Јермак беше сменет и од преговарачкиот тим и од функцијата шеф на претседателскиот кабинет, што се смета за втора најмоќна позиција во земјата.

Изборот на претседателот Володимир Зеленски за нов шеф на преговарачите ги збуни Украинците и нивните западни сојузници, бидејќи и Рустем Умеров е под лупа на антикорупциските агенции во врска со истиот скандал. Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, наводно бил сослушуван од Националното биро за борба против корупцијата за скандалот во енергетскиот сектор, а соочен е и со обвиненија дека не пријавил осум имоти во САД. Тој ги отфрла обвиненијата.

Зошто Зеленски избра да му ги довери преговорите на Умеров, наместо на некој од искусните поранешни министри? Ова е вознемирувачко давање приоритет на личната лојалност пред професионалната компетентност токму во моментот кога Украина најмалку може да си го дозволи тоа. Отстранувањето на дипломатите од кариера во корист на фаворити на претседателот, во вакви околности, се граничи со национална самосаботажа, забележа Богдан Нахајло, главен уредник на „Киев пост“.

Нахајло потсетува дека ни американскиот главен мировен преговарач Стив Виткоф нема никакво дипломатско искуство – тој е инвеститор во недвижности и сопственик на голф клуб.

Ова е директно од прирачникот на Трамп: наместо вистински дипломат, назначете го за мировен пратеник вашиот пријател за недвижности, вели главниот уредник на „Киев пост“.

Политичарот Володимир Ариев забележа дека Зеленски заменил еден корумпиран сојузник со друг. 

На Украина ѝ се потребни службеници кои не му се лојални на претседателот туку се професионални и посветени да ги бранат интересите на земјата, вели Ариев за „Вашингтон пост“.

Европските сојузници ја фалат независноста на агенциите НАБУ и САП. Вашингтон јавно реагира повоздржано, но притисокот го вршат зад сцената. Според Украинска правда, армискиот секретар Ден Дрискол го отворил ова прашање на средбата со Зеленски на 20 ноември. Зеленски наводно одговорил дека „не може да напредува со преговорите додека антикорупционерите ги ловат неговите најблиски соработници“.

Политичката ранливост на Зеленски би можела да го направи уште помалку подготвен да прави непопуларни отстапки во каков било договор со Москва.

Новиот мировен план на САД имаше двоен ефект за Зеленски. Од една страна, тој значеше добредојдено олеснување од скандалот со Енергоатом. Но, огромниот притисок од Вашингтон да прифати договор што многумина го изедначуваат со капитулација, исто така, доаѓа во време кога Зеленски е ослабен на домашен план, забележува порталот „Медуза“.

1 декември 2025 - 08:43